Линкови за пристапност

Најдлабок досега поглед во вселената


Поглед кон прапочетокот: фотографијата ХДФ на НАСА
Поглед кон прапочетокот: фотографијата ХДФ на НАСА

Фотографијата на телескопот Хабл покажува галаксии кои датираат од самиот нејзин почеток.

Телескопот Хабл на Американската вселенска агенција (НАСА) направи најдлабок досега поглед во вселената, фотографија што покажува галаксии кои датираат од самиот нејзин почеток.

Според НАСА, фотографијата на вселенскиот телескоп, наречена Екстремно длабоко поле (ХДФ), комбинира податоци собрани во период од 10 години и покажува околу 5.500 галаксии, од кои најстарата има околу 13,2 милијарди години. Се проценува дека вселената е стара околу 13,7 милијарди години.

„ХДФ дава најдлабок приказ на небото направен досега, а видливи се и најбледите и најдалечни галаксии“, вели Гарт Илингворт од Универзитетот Калифорнија во Санта Круз, научник кој работи на проектот. „Фотографијата ни овозможува да истражуваме назад во времето, како никогаш досега“, објаснува Илингворт.

НАСА ја опиша фотографијата како „временски тунел во далечното минато“, наведувајќи дека светлината од овие далечни галаксии, „тукушто пристигнува на Земјата“. Агенцијата додава и дека една од галаксиите на фотографијата постоела само 450 милиони години откако започнала вселената со „Големата експлозија“.

Телескопот Хабл беше поставен во орбитата на Земјата во 1990-та година со помош на спејс-шатл на НАСА, во соработка со Европската вселенска агенција. Со него оперира Вселенскиот центар Годард на НАСА во Гринбелт, сојзуната држава Мериленд, во непосредна близина на Вашингтон.

Пред Хабл, астрономите користеа телескопи стационирани на Земјата и со нив успеаја да ги регистрираат галаксиите стари до седум милијарди години.
XS
SM
MD
LG