Линкови за пристапност

НАСА: 2015-та на пат да биде најтопла во историјата на човештвото


NASA - Climate change
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Според податоци на НАСА, октомври бил најтопол месец откако се вршат мерења, но и таков со најголема разлика во температурата споредено со кој било друг месец.

Институтот за вселенски истражувања Годард, каде се регистрираат сите температурни промени, со архива стара 135 години, објави најнови податоци според кои годинава е на пат да биде најтопла во историјата на човештвото.

Директорот на Институтот, Гавин Шмит, зборувајќи преку Скајп, за Гласот на Америка објаснува дека тоа главно се должи на силниот феномен Ел Нињо во Пацификот, но исто така сме сведоци на долгорочен нагорен тренд во температурите на глобално ниво.

„Токму тој тренд во голем дел е поттикнат од зголеменото ниво на штетните гасови во атмосферата. Со самото затоплување на Земјата, во услови на исклучителни топлотни аномалии, како што е случајот со Ел Нињо, има поголеми шанси за рекордно високи температури во наредните месеци, години, дури и децении. Тоа ни` се случува во моментов“, изјави Шмит.

Тој додаде дека употребата на фосилни горива придонесува за зголемувањето на нивото на главниот загадувач, јаглеродниот диоксид, факт што, како што вели, би помогнал во свртување на вниманието кон обновливи извори на енергија.

Но Шмит нуди и друга опција.

„Таканареченото „запленување” на јаглеродниот диоксид е нова технологија којашто би дозволила согорување на горивата, без испуштање на штетниот гас во атмосферата, и ова се секако прашања по кои ќе се дискутира на средбите во Париз “, вели тој.

На Меѓународните разговори за климатски промени што ќе траат од 30-ти ноември до 11-ти декември, ќе учествуваат шефови на држави и влади од околу 80 земји, а целта е изготвување глобален договор за климатски промени, како замена на Протоколот од Кјото чијшто рок измина во 2012-та година.

Од научна гледна точка, Гавин Шмит е задоволен што се прават напори во оваа област:

„Сите земји вложуваат напори да го намалат испуштањето на штетни гасови и сметам дека тоа е значителна промена. Дополнително, новиот меѓународен договор, познат под кратенката (INDC) - каде земјите даваат свои проценки за нивниот придонес, ќе помогне да се постигне договор“, кажа Шмит.

Но ова не е проблем што се решава на еден состанок, вели Шмит.

„Одлуките за нашата енергетска инфраструктура, користењето на фосилните горива, за обновливите извори на енергија, не треба да ги носиме само сега, или по 10 години, туку на подолгорочен план“.

Научникот од НАСА потенцираше дека е клучно промените да бидат одржливи, исто како и разговорите за нив, без оглед на тоа кој е на власт, или колкав е степенот на економски растеж.

XS
SM
MD
LG