Анимација на НАСА покажа како научниците ја замислуваат иднината на вселенското истражување: човеколики роботи, работат рамо до рамо со луѓето.
Американската агенција за вселенски истражувања е чекор поблиску до тоа да стане реалност.
Робонаут 2, првиот човеколик робот на Меѓународната вселенска станица е таму уште од минатата година, но требаше извесно време за проверка на сите негови сензори и системи.
Постојат четири такви роботи, но засега само Робонаутот 2 е во вселената. Имавме прилика да се „запознаеме“ со еден од нив при неодамнешната посета на Музејот за воздухопловство и вселенски летови во Вашингтон.
Робонаутите, на кои заедно работеле НАСА и Џенерал моторс, се специјално дизјанирани за интеракција со луѓето.
Мајк Гоза е меѓу инженерите кои работеле на нив. Тој вели дека со ставање на шлемот, двата екрана кореспондираат со камерите на роботот во левото и десното око, што значи дека тој го гледа она што го гледа роботот.
Робонаутот може да ги имитира активностите на инженерите преку сензорите инсталирани на шлемот и на ракавиците.
Гоза вели дека робонаутите би можеле да ги заменат астронаутите во опасните излегувања во вселената.
Експертите планираат робонаутите да изведуваат и рутинско одржување, внатре во леталата. Еден ден можеби ќе бидат подготвени да ја истражуваат вселената без помош на човекот, но засега НАСА се` уште ги истражува потенцијалите на Робонаутот 2 – првиот роботски астронаут.