Линкови за пристапност

Нарушување на приватноста, украдени идентитети: Десетици поплаки годишно во Агенцијата за заштита на личните податоци


Нарушување на приватноста, злоупотреба на личните податоци во маркетиншки цели, лажно претставување во туѓо име, се само дел од десетиците поплаки што годишно македонски граѓани ги поднесуваат во Агенцијата за заштита на личните податоци
Нарушување на приватноста, злоупотреба на личните податоци во маркетиншки цели, лажно претставување во туѓо име, се само дел од десетиците поплаки што годишно македонски граѓани ги поднесуваат во Агенцијата за заштита на личните податоци

Незаконски видео надзор, нарушување на приватноста, злоупотреба на личните податоци во маркетиншки цели, лажно претставување во туѓо име. Тоа се само дел од десетиците поплаки што секоја година македонски граѓани ги поднесуваат во Агенцијата за заштита на личните податоци

Десетици пријави за загрозување на личните податоци доставуваат годишно македонските граѓани. Тоа го покажуваат податоците од Агенцијата која се грижи да се заштити тоа право на граѓаните.

„Минатата година имаше 41 пријава, 41 барање од граѓаните и беа спроведени соодветни супервизии“, вели Емилија Гиноска, Советник за информирање при Агенцијата за заштита на личните податоци.

Според податоците од Агенцијата за заштита на личните податоци, граѓаните често се жалеле за случаи кога информации за нив се прибираат во разни институции, кога се злоупотребени за маркетинг, но и во случаи на несоодветен видео надзор.

Камера не смее да ги надгледува вработените во канцеларија

Минатата година имаше 41 пријава и беа спроведени соодветни супервизии
Емилија Гиноска, Агенција за заштита на личните податоци

„Може да се стави камера за безбедност на објектот, на влезот од објектот, во лифтови, во заеднички простории. Не се ставаат камери во тоалети, во гардероби. Камера не се става ниту во ординации, каде што се прегледува пациентот. Исто така, камера не се става во канцеларија со цел да се следат вработените. Тоа е забрането“, објаснува Гиноска.

Не е изоставен ниту онлајн просторот.

„Исто така има и 249 поплаки, односно претставки од граѓаните. Сите тие се однесуваат на социјалните мрежи“, посочува Гиноска.

Претежно се работи за случаи со украдени профили на социјалните мрежи, како и за лажно претставувања со туѓи фотографии и имиња. Но, Агенцијата тука има ограничени можности.

Агенција за заштита на личните податоци, седиште во Скопје
Агенција за заштита на личните податоци, седиште во Скопје

„Сакате да дознаете кој ви го одзел или ви го хакирал профилот, во таа ситуација ние немаме надлежност. Утврдување на сторител е под Министерството за внатрешни работи. Но, многу граѓани се обраќаат кај нас во тие ситуации. Имаме контакт со ‘Фејсбук’ и со ‘Инстаграм’ за пријавување лажни профили“, вели Гиноска.

Има и 249 поплаки за лажни и украдени профили на социјалните мрежи
Емилија Гиноска, АЗЛП

За случаите во кои македонски граѓани се жртви на земање брзи кредити со украдени податоци од нивни лични карти, од Агенцијата велат дека спроведуваат контроли во трговските друштва.

„Понекогаш Агенцијата реагира и по службена должност. Доколку сме слушнале дека имаме некои информации во однос на некое финансиско друштво, или кој и да е друг правен субјект, институција или приватна компанија, каде што има случаи на повреда на правото на заштита на личните податоци, самите реагираме и излегуваме на терен“, посочува Гиноска.

Хотелите не смеат да ви ја задржат личната карта, ниту да ја копираат

Имало поплаки и за праксата во дел од домашните хотели и сместувачки капацитети, кои ги задржувале личните карти на гостите или правеле копии.

„Фотокопија се смета и ако некој ви ја фотографира личната карта и ја чува на својот мобилен телефон. Тоа се смета за многу небезбедно. Не може да ви ја задржуваат личната карта. Нашата агенција има изречено дури и глоби против туристички објекти што го имаат направено тоа. Ја задржувале личната карта додека не си заминат гостите“, вели Гиноска.

Емилија Гиноска, советник за информирање при Агенцијата за заштита на личните податоци
Емилија Гиноска, советник за информирање при Агенцијата за заштита на личните податоци

Агенцијата има само четворица супервизори за цела држава

Сепак, за целосно да им се излезе во пресрет на граѓаните, неопходни се инспектори кои, како што велат од Агенцијата, не се во доволен број.

„Имаме само четворица супервизори, коишто спроведуваат супервизии за целата територија на државата, сведени сме само на толку“, вели Гиноска.

Граѓаните да бидат свесни дека личните податоци се највредната валута денес и се тргува со нив
Емилија Гиноска, АЗЛП

Свеста на македонскиот граѓанин за заштитата на личните податоци покажува нагорен тренд, но, статистиките велат: Треба уште да се работи.

„Граѓаните треба да бидат свесни дека нивните лични податоци се многу вредни. Тие во моментов се една од највредните валути во светот и се тргува со нив. Поради тоа, мораат да ги преземат сите мерки да се заштитат, да не ги споделуваат туку така своите податоци. Прво да проверат, да бидат сигурни дека го познаваат лицето и дека барањата се веродостојни. Во спротивно, можат да имаат огромни штети“, вели Гиноска.

Повод за разговорот со Агенцијата за заштита на личните податоци е новата петгодишна Стратегија за спроведување на правото за заштита на личните податоци што оваа институција го промовираше неодамна. Меѓу точките што се наведуваат во стратегијата е и поголема кадровкска и финансиска независност на Агенцијата, а со цел за попрофесионално и постабилно развивање како тело кое се грижи за правото на граѓаните да имаат заштитени лични податоци.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG