Линкови за пристапност

Народна банка: Македонската економија по конфликтот во Израел подложна на индиректни ризици


Евентуалната ескалација на воениот конфликт меѓу Израел и Хамас и можното вклучување во него на трети страни, ќе има сериозно негативно влијание врз светската економија, вели универзитетскиот профсор по економија, Анастас Џуровски. Додава дека актуелната состојба ретко на кого во светот му одговара.

„И тоа преку зголемување на цените на енергенсите на едно историско високо ниво, повисоко и од она ниво кое што беше на почетокот на војната во Украина, бидејки паралелно ќе трае и тој конфликт. И на ваков начин ќе дојде до неминовен раст на цените на производите на глобално ниво“, рече тој.

Тоа ќе доведе до раст на цените и во домашната економија додава Џуровски.

Во меѓувреме од почетокот на конфликтот цените на нафтата на светските берзи е зголемена за десеттина отсто, потврдија од регулаторната комисија за енергетика.

„Бидејќи ние како мала економија, веројатно тоа меѓу првите ќе го почувствуваме. Така што ќе треба да бидеме подготвени брзо и ефикасно да делуваме со комбинација на мерки, како на фискалната, така и на монетарната политика. Ќе треба да остане веројатно онаа непопуларна мерка на замрзнати цени и тоа што е можно подолго, бидејќи производите на кои се однесува таа мерка влегуваат во потрошувачката кошничка. Но доколку состојбата на глобално ниво потрае тогаш дека бездруго ќе почувствуваме и двоцифрени стапки на инфлација“, вели тој.

Геополитичките ризици, и натаму се третираат како едни од клучните глобални ризици, што во континуитет го истакнуваат и меѓународните финансиски институции, велат од Народна банка.

„Избувнувањето на последниот конфликт, Израел-Газа, според аналитичарите, особено може да делува на пазарот и цените на нафтата. Во секој случај, колкаво ќе биде влијанието врз глобалната економија ќе зависи од понатамошниот развој на воено - политичките случувања во двата региона“, стои во соопштението на Народна банка.

Македонската економија е сосема малку директно изложена кон овие економии, како во однос на трговските, така и во однос на финансиските врски. Учеството на Израел во вкупната трговија е околу 0,1%, а исклучително ниско е и учеството на странски директни инвестиции велат од Народна банка. Додаваат дека инвеститори од овие земји не учествуваат во сопствеништвото на банките во земјава.

„Иако директните врски со овие економии се минимални, како мала и отворена економија подложни сме на индиректни ризици, кои што во зависност од интензитетот на овој нов шок би се одразиле и на нашата економија преку промените во глобалната економија и пазарите на стоки, но и преку финансиските пазари. Ефектите може да бидат видливи преку трговските и финансиските канали, нарушување на синџирите на снабдување и да влијаат на дополнително забавување на конвергенцијата на економијата“, додаваат од НБРМ.

Сметаат дека будно следење на развојот на состојбите и јакнење на отпорноста на економијата на шокови, е најсоодветниот одговор на овие геополитички случувања. Неодамна, првиот човек на ММФ, Кристалина Георгиева, рече дека иако е рано да се утврди, воениот конфликт меѓу Израел и Хамас за глобалната економија може да биде уште еден извор на несигурност.

XS
SM
MD
LG