Линкови за пристапност

Бугарија и Австрија со поддршка за решавање на спорот со името


Странски дипломати: Сега е моментот за договор околу името
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Процесот треба да заврши брзо, порачаа денес актуелниот и идниот претседавач со Европската Унија

Со интезивирањето на преговарачкиот процес на министерско ниво за прашањето за името, се` почести се пораките на дипломатите акредитирани во Скопје, кои велат дека сега е моментот за постигнување договор меѓу Македонија и Грција.

Охрабрувањата и оптимизмот амбасадорите ги темелат на тоа што досега е постигнато во разговорите, но, и на нивните проценки дека 2018-та е година, која ги има сите елементи за успех на Македонија.

Поддршката денеска директно дојде од актуелниот и од идниот претседавач со Унијата - Бугарија и Австрија.

„Она што можеме да го направиме како претседавачи со ЕУ е да охрабриме да се постигне решение. Преговорите се водат под покровителство на ОН, и се обидуваме да не се мешаме и да ја попречиме хармонијата во процесот. Грција веќе е дел од европскиот клуб, а основата на Унијата е консензус. Затоа ни треба согласноста на Грција. Од тие причини, ова прашање треба да се реши. Се надеваме дека соодветно решение, прифатливо за двете страни, наскоро ќе се постигне. Ние вршиме тивка дипломатија, без кого било да притискаме“, изјави Даниела Будинова, заменик-амбасадорка на Бугарија во Македонија.

Амбасадорката на Австрија во Скопје Ренате Коблер вели дека она што може да го сторат е да кажат дека процесот треба да заврши брзо.

„И на начин прифатлив за двете страни, зашто оваа година е година која има се` што треба за Македонија да напредува“, рече таа.

Владата пак, денеска уверуваше дека ќе продолжи со градењето добрососедски односи со сите земји од опкружувањето.

„Ве уверувам дека Владата останува целосно посветена на натамошно зацврстување на регионалната соработка на Западниот Балкан, базирано на приципот на добрососедство, соработка и солидарност“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Во наредните денови се очекува дополнително интензивирање на процесот за името.

На крајот на седмицата најавена е уште една средба Димитров-Коѕијас во Сунио Грција, а веќе в сабота на иста маса ќе седнат заедно со медијаторот Нимиц.

На 17-ти мај, во Софија се планираат тет-а тет разговори меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG