Линкови за пристапност

Пердју: Употребата на ФИРОМ нема да го реши спорот со името


Република Нова Македонија или Република Македонија (Вардар), се подобри решенија, смета поранешниот дипломат на Стејт департментот

Употребата на ФИРОМ нема да го реши спорот со името, вели Џејмс Пердју, поранешен официјален претставник на Стејт департментот, и еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор.

Според него, Република Нова Македонија или Република Македонија (Вардар), се подобри решенија, кои ќе ја придвижат Македонија кон Европската унија и кон НАТО.

„Конкретната ситуација со новата Влада е најдобра можност што постоела со години назад, за да го реши проблемот со името. Има многу решенија, многу потенцијални имиња, што ќе ги задоволат двете страни, доколку постои политичка волја тоа да се направи. Сега во Скопје постои политичка волја, и мислам дека Грција треба да ја прифати. Блокирањето на иднината на Македонија во ЕУ и во НАТО, поради спорот со името не е прифатливо“, изјави Пердју за Албанската редакција на Гласот на Америка.

Пердју смета дека ако двете страни не можат да се договорат, ќе биде потребна агресивна надворешна дипломатија од Вашингтон и од ЕУ

„Никогаш не било подобро време за решавање на овој проблем, и оваа можност не треба да се пропушти“, вели Пердју.

Тој вели дека поголемиот дел од Охридскиот договор е имплементиран, со кој употребата на албанскиот јазик е регулирана со Закон и со Устав, и оти треба соодветна политичка активност оваа агенда да се исполнува и натаму.

„ Бидејќи екстремната десница во Македонија нема да сака ништо подобро, отколку некој вид конфликт околу јазикот. Албанците треба да бидат чувствителни, но, да не паѓаат во таа замка, за да не дозволат јазикот да предизвика последици, и некои од овие екстремни националисти да се вратат на власт“, изјави Пердју.

Тој го нагласи руското влијание во регинот, велејќи дека Путин сака да го направи Балканот стратешки центар за превласт на Русија и Западот.

Пердју вели дека е потребна помош од Европската унија и од САД за справување на Балканот со руското мешање, и оти државите не треба да го прифатат режимот на Путин како модел на владеење.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG