Линкови за пристапност

Груби кај Нимиц со нови идеи за решение на името


Груби кај Нимиц со нови идеи за решение на името
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00

Пратеникот на ДУИ најави дека ќе понуди и образложение за сите седум точки од предлогот на медијаторот, кои допрва ќе треба да се разгледуваат

Пратеникот од ДУИ Артан Груби, денес во Њујорк, се среќава со медијаторот Метју Нимиц, со цел да му понуди дополнителни идеи за решавање на спорот за името.

Тој, за Гласот на Америка, најави дека ќе му достави и образложение за сите седум точки од неговиот предлог, кои допрва ќе треба да се разгледуваат.

Работниот ручек со Нимиц е дел од агендата на Груби во САД, кои тој деновиве ги посети по повод Молитвениот појадок во Вашингтон.

„Сакам да му понудам дополнителни идеи, кои произлегуваат од моите средби во Вашингтон, и од средби со грчки авторитети. Имам доста информации и конкретни идеи како може да се излезе од ситуацијата, за да имаме достоинствено решение за граѓаните на Република Македонија“, вели Груби.

Такво решение, додава тој, може да се постигне дури во наредните недели.

Вели дека начелно формата на новото име е постигната, и оти сега се преговараат деталите, а ја повика и опозицијата да стане дел од решението.

„Не е најголем проблем само формата на името, туку што содржи другиот дел од договорот, а кој се однесува на јазикот, идентитетот, националноста, употребата и преводот“, рече Груби.

Тој истакна дека не се размислува за промена на медијаторот, и оти спорот мора да се води под покровителство на Обединетите нации, каде ќе треба да се регистрира новото име на државата.

Деновиве во САД тој се сретнал со 13 конгресмени и двајца сенатори, со специјалниот советник на потпретседателот на САД Мајк Пенс во Белата куќа, со заменик - државниот секретар во Пентагон Лаура Купер, Метју Палмер во Стејт департментот и други официјални лица.

Најави и засилена поддршка на САД за решавање на спорот со Грција, преку посета на конгресмени во Македонија во наредниот период, како и преку јавни написи во медиумите.

По повод Молитвениот појадок, во Вашингтон беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој оствари одвоени средби со високи официјални претставници.

Мицкоски, за Гласот на Америка, рече дека најмалку осум месеци опозицијата била исклучена од преговарачкиот процес за решавање на спорот за името.

Преговорите продолжуваат следната недела, за кога е закажана нова средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција со медијаторот Нимиц.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG