Азиските берзи и денеска затворија во црвено со пад на индексите од 0.9 до 2.3%, во Европа имаше благо закрепнување, но во Соединетите Држави се врати минусот на почетокот на тргувањето каде падот е меѓу 3 и 4%. Лошите резултати се предизвикани од коронавирусот но и од ценатана нафтата која од почетокот на годинава досега се преполови.
Паднаа цените на нафтата, што израдува многумина.
„Добро е за граѓаните ако се намали цената. Овде има фестивал и трошоците се зголемени“ вели Сону Агра, жител на Индија.
Цените на суровата нафта отидоа надолу откако Организацијата на држави кои извезуваат петролеум (ОПЕК) не успеа да постигне договор со Русија да се намали производството, со цел да се ублажат последиците од коронавирусот врз светскиот пазар.
Како одговор, Саудиска Арабија најави дека ќе ги намали цените на нафтата и ќе го зголеми производството.
Аналитичарите велат дека нафтената војна е причина за пад на цените.
„Многу производители го зголемија производството на нафата, но, нема побарувачка“ вели Фејт Бирол
Меѓународна агенција за енергетика.
Најголемите трговци со нафата објавија дека изминатиов понделник бил најлош ден со години наназад. Руската рубља падна за девет проценти.
„Русите имаат долгорочна стратегија. Сигурно ќе им се одрази на краток рок, но, тие веруваат дека на овој начин значително ќе ги погодат американските производители на нафта од шкрилци“ Том Едсед, Консултант.
Едсед вели дека Русија има резерви да се справи со загубите.
Но, според некои аналитичари, побарувачката на нафта ќе продолжи да паѓа, бидејќи ширењето на коронавирусот ги принудува луѓето да седат дома.
„Првпат во повеќе од 11 години побарувачката на нафта паѓа, поради случувањата во Кина и во светската економија“ објаснува Фејт Бирол, Меѓународна агенција за енергетика.
Стравот од ширење на коронавирусот веќе се одрази врз светските пазари, а додавањето на проблемот со нафтата може да предизвика и економска рецесија.
Меѓународната агенција за енергетика повика на солидарност меѓу државите, бидејќи пропаѓањето и на една економија ќе доведе до последици врз глобалната економија.