Линкови за пристапност

Надзорниот одбор го прифати предлогот на Владата, М-НАВ добива ново раководство


Надзорниот одбор ги именуваше Хекуран Асани и Милан Кораќ на местата на Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. Следната недела тие треба да бидат впишани во Централниот регистер со што и официјално ќе ја преземат функцијата


СКОПЈЕ - Хекуран Асани и Милан Кораќ следната недела стапуваат на новата функција директори во М-НАВ откако Надзорниот одбор на денешната седница го прифати предлогот на Владата донесен на седницата одржана на 9 јануари и ги разреши досегашните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски, дознава „Гласот на Америка“. Третиот директор во државната компанија, Хасим Деари, како што е познато ја задржа својата функција.

Иако го поминаа филтерот на Надзорниот одбор, законската процедура налага, во понеделник Одборот да одржи уште еден состанок на кој ќе се потпишат записниците од денешната седница со што одлуката добива формално правна важност. Потоа, во текот на наредната недела одлуката и комплетната документација ќе биде доставена до Централниот регистар кој треба да ги впише двајцата нови директори во М-НАВ, Асани и Кораќ.

Разрешувањето на досегашните директори Хамиди и Стаменковски беше еден од условите на Синдикатот на контролорите на летање за да не стапат во штрајк.

На владината седница одржана на 9 јануари првичен предлог за директор во М-НАВ беше Илир Мехмети, но по неколку часа Владата мораше да го повлече и да се коригира бидејќи не ги исполнуваше условите. Мехмети не е вработен во М-НАВ туку во Агенцијата за цивилно воздухопловство со што директно се кршеше член 17 од Правилникот во М-НАВ кој предвидува на раководните места да се именуваат лица од редот на вработените.

Одлуката на Надзорниот одбор е прв чекор во решавањето на нарушените односи меѓу Синдикатот и раководството на М-НАВ но и во расветлување на инцидентот и насилниот упад во зградата на Контролата за летање и нападот врз контролор кој го предводеше советникот на директорот, функционерот на ДУИ Беким Незири.

По впишувањето на новото раководство ќе може да се состане Комитетот за безбедност на М-НАВ кој треба да спроведе официјална истрага за инцидентот кој го предизвика Незири и насилниците кои тој ги предводеше. Комитетот има изготвено прелиминарен неофицијален извештај кој веќе е доставен до агенцијата за цивилно воздухопловство.

За инцидентот Незири и уште четири лица се во домашен притвор, иако Обвинителството за нив бараше затворски.

XS
SM
MD
LG