Линкови за пристапност

На Украина итно ѝ е потребна воздушна одбрана, рече Столтенберг


Ако сакаме крај на војната, ако сакаме праведен и траен мир, тогаш воената поддршка за Украина е вистинскиот начин, рече шефот на НАТО
Ако сакаме крај на војната, ако сакаме праведен и траен мир, тогаш воената поддршка за Украина е вистинскиот начин, рече шефот на НАТО

На Украина итно ѝ е потребна воздушна одбрана, вклучувајќи муниција, резервни делови и одржување на системите што веќе ги има украинската војска, изјави денес за Ројтерс генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Столтенберг рече дека војната, сега веќе во својата втора година, не е во ќор-сокак, со оглед на придобивките што Украина ги постигна со контраофанзивата што ја започна во јуни за да се обиде да ја врати територијата окупирана од руските сили.

„Ако сакаме крај на војната, ако сакаме праведен и траен мир, тогаш воената поддршка за Украина е вистинскиот начин“, рече Столтенберг во интервјуто додека беше во Њујорк на годишното Генерално собрание на Обединетите нации.

„На Украина ѝ треба многу различни видови поддршка. Има итна потреба од воздушна одбрана, не само нови системи, туку и муниција, одржување, резервни делови... Гледаме дека противвоздушната одбрана секојдневно спасува животи во Украина и треба да ги одржиме системите за воздушна одбрана на Украина“.

Тој зборуваше откако висок функционер на Стејт департментот претходно денес изјави дека зајакнувањето на воздушната одбрана на Украина е клучно, вклучително и за заштита на критичната инфраструктура пред да дојде зимата.

Столтенберг одби да каже колку муниција сојузниците на НАТО може да испорачаат на Украина секоја година, или кога точно ќе бидат испорачани Ф-16 во Киев.

„Сојузниците работат напорно за да ги обучат (пилотите на Ф-16) што е можно побрзо“, рече тој.

„Важноста на Ф-16 е и тоа што испраќа порака за долгорочна и трајна поддршка.“.

Рускиот лидер Владимир Путин нареди инвазија на соседна Украина во февруари 2022 година во, како што ја нарекува, „специјална воена операција“ за деградирање на украинската војска и отстранување на, како што вели Русија, потенцијална закана за нејзината безбедност.

Столтенберг рече дека повеќе би сакал да види побрз напредок во контраофанзивата на Украина, но рече дека нејзините придобивки на југ и на исток се „огромни“.

Украинските власти рекоа дека нивните сили ја надминале првата одбранбена линија на Русија, но сега се соочуваат со дополнителни линии на местата каде Москва имала време да изгради утврдувања и мински полиња.

Некои воени аналитичари велат дека Украина би можела да се бори да го одржи својот моментум на бојното поле со почетокот на студеното и влажно време, но Столтенберг рече дека борбите би можеле да продолжат и наесен и во текот на зимата.

„Она што треба да продолжиме да го правиме е да ги поддржуваме Украинците и потоа тие треба да ги носат одлуките на терен“, рече тој.

XS
SM
MD
LG