Линкови за пристапност

На Светскиот ден на бегалците се бара правда за убиството мигрантка од Сиера Леоне


Бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да поминат низ македонска територија бележи намалување за 35 проценти во однос на 2020 година.
Бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да поминат низ македонска територија бележи намалување за 35 проценти во однос на 2020 година.

Правда за Фатмата, 23 годишната мигрантка од Сиера Леоне бара невладината организација од Италија „Second tree“. Во април годинава, како дел од група мигранти, кои сакале од Грција илегално со помош на криумчари да поминат низ македонска територија таа беше застрелана од полициски службеник кај Гевгелија, откако претходно еден од шверцерите физички го нападнал полицаецот обидувајќи се да му го одземе пиштолот, при што тој испукал од службениот пиштол куршум кој завршил кај нејзе. Со цел да се дознае вистината за овој настан, Македонското здружение на млади правници на барање на членови на нејзиното семејство ангажира адвокати кои работат на случајот.

„Беше побарано да се вклучиме како организација и да го следиме процесот со цел расветлување на тоа што се случи, под кои околности го загуби животот Фатмата. Очекуваме по завршувањето на истрагата да добиеме една појасна слика за околностите под кои се случи овој немил настан“, вели Зоран Дранговски од Македонското здружение на млади правници.

Случајот доби и меѓународна димензија, бидејки за него се заинтересирани и дваесеттина пратеници од Европскиот парламент, кои упатиле и прашања до претседателот на европската комисија Жозеп Борел за смртта на Фатмата.

„Дел од европратениците беа заинтересирани за случајот и беа побарани одговори од македонската Влада, со тоа што нивниот интерес е малку поширок конкретно за овој случај, меѓутоа генерално и за постапувањето на властите со мигрантите во назјразлични ситуации и случаи“, вели Дранговски.

Од Обвинтелството во Македонија велат дека истрагата е во тек и оти по добивање на извештајот од обдукцискиот наод ќе биде донесена одлука за понатамошниот тек на постапката.

„На осомниченото лице му е изречена мерка на претпазливост со обврска да се јавува повремено кај надлежен државен орган и привремено му е одземена патната или друга исправа“, велат од Обвинителството.

Во меѓувреме двајцата криумчари врз основа на признание на вина се осудени на казна затвор од по една година.

Иако западно-балканската мигрантска рута, е се уште активна, бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да поминат низ македонска територија бележи намалување и тоа за 35 проценти во однос на 2020 година.

„Во периодот пак од 01.01 до 21.05.2023-та година на државните граници спречени се 3.518 обиди за илегални преминувања. Најголем дел од нив се спречени на границата со Грција-3.048, каде е забележано намалување на обидите за 42 отсто“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Но, Фатмата е само еден од илјадниците мигранти, кои се жртви на оганизирани криумчарски групи, кои секјодневно за големи суми на пари им ветуваат на овие лица дека безбедно ќе ја поминат границата.

„Криумчарите им се најголем проблем. Во нив бараат заштита меѓутоа ретко кој од нив ја наоѓа, бидејки граничниот премин со Грција се обезбедува. Фронтекс е тука, нашата гранична полиција е на граничниот премин. Ги превезуваат им ги земаат парите. Секогаш е различна цената. Од 1 000 па до 2 000 или 2 500 евра по лице“, вели Ленче Здравкин, хуманитарец.

Дополнително расте и бројот на обиди за криумчарење на мигранти. Ако во 2021 година биле откриени 64 случаи за криумчарење на 815 мигранти, во 2022 година тој број бил 107. Во првите пет месеци од 2023 година, откриени се 29 случаи на криумчарење на 234 мигранти, а мерки на кривичен прогон се преземени против 21 лице.

Македонските власти со миграцијата постапуваат на ист начин како и по завршувањето на кризата од 2016 година, многу работи сè уште не се променети. На северната и јужна граница сè уште е на сила кризната состојба, а статусот на прифатно-транзитните центри на двете граници сè уште не е регулиран, вели Дранговски.

Бројот на лицата кои секоја година се враќаат во Грција е огромен и се движи меѓу 20 000 до 40 000 луѓе од 2016 година, па наваму.
Зоран Дранговски, Македонско здружение на млади правници

„И ние постојано се залагаме за донесување на соодветни правни акти со кои овие два транзитни центри ќе имаат правен статус во држвата, а со тоа ќе се оневозможат било какви злоупотреби и незаконски постапувања од страна на властите, кога се работи за миграцијата воопшто. Бројот на лица кои секоја година се враќаат во Грција е огромен и се движат помеѓу 20 000 до 40 000 луѓе од 2016 година па наваму и сите тие постапувања мора да бидат соодветно документирани со соодветни процедури се со цел да немаме случаи на било какви злоупотреби. Ние мора да го приспособиме системот на постојан одговор на тоа што значи предизвици од управувањето со миграциите“, вели тој.

Вели дека кризната состојба не е решение и оти системски државата мора да пристапи кон управувањето со миграции со цел заштита и контрола на тоа што претставува влез и излезе од државата но и високо ниво за заштита на човековите права.

XS
SM
MD
LG