Линкови за пристапност

На полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатските листи за пратеници во ДИК


Државната изборна комисија има рок од 48 часа да ги провери и потврди доставените кандидатски листи за пратеници. На овие парламентарни избори граѓаните ќе може да бираат од кандидатските листи на пет коалиции и три партии

СКОПЈЕ – Вечерва на полноќ истекува законскиот рок во кој коалициите и политичките партии треба да ги достават кандидатските листи за претстојните парламентарни избори кои ќе се одржат заедно со вториот круг на претседателски избори на 8 мај во Државната изборна комисија (ДИК).

ДИК има законски рок од 48 час во моментот од поднесување на кандидатските листи да ги провери и да ги потврди односно прифати. Kандидат за пратеник, според Уставот и Изборниот законик може да биде лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, наполнил 18 години и има деловна способност и не е осуден со правосилна одлука на затворска казна над 6 месеци чие издржување не е започнато или пак се наоѓа на издржување на казната.

Заклучно со објавување на текстот две коалиции и една партија ги доставиле кандидатските листи и за нив тече рокот.

„Досега листите се доставени од коалицијата предводена од партијата СДСМ, коалицијата предводена од партијата ВМРО – ДПМНЕ и партијата „Родина““, изјави радица Тодоровска Алексовска од ДИК.

Она што е познато е дека на овие парламентарни избори граѓаните ќе може да бираат од кандидатските листи на пет коалиции и три партии, а повеќето од листите веќе се објавени во јавноста заедно со носителите и коносителите по секоја Изборна единица (ИЕ) одделено.

На парламентарните избори ќе настапат коалициите предводени од СДСМ, од ВМРО – ДПМНЕ, од ДУИ, коалицијата „Вреди“, коалицијата на партиите ГРОМ, Интегра и ПЦЕР. Самостоен настап на изборите ќе имаат партиите Левица, „ЗНАМ“ и партијата Родина. Иако најави, скопската градоначалничка Данела Арсовска која ја превзеде партијата Нова алтернатива, нема да достави листи за кандидатура.

Интересно е што во овој изборен процес двете коалиции од албанскиот политички блок ќе имаат листи во третата и четвртата изборна единица каде што досега не излегуваа на мегдан со партиите од македонскиот политички блок.

Се очекува на кандидатските листи да се најдат околу 900 кандидати за пратеници кои ќе бидат во трка по гласовите на граѓаните.

Изборната кампања за парламентарните избори почнува на 18 април а ќер бидат единаесетти парламентарни избори од осамостојувањето на државата на 8 септември 1990 година.

XS
SM
MD
LG