Линкови за пристапност

На граничниот премин Ќафасан побрз проток на стоки и патници меѓу Северна Македонија и Албанија


На Ќафасан во првите шест месеци од годинава поминале 770 000 граѓани.
На Ќафасан во првите шест месеци од годинава поминале 770 000 граѓани.

Новиот концепт „One-stop-shop“, кој од денеска стартува на најголемиот граничен премин меѓу двете земји, Ќафасан-Ќафтан ќе значи заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на границата.

Најавите од пред две години на македонските и албанските власти конечно стануваат реалност. Побрз проток на стоки и патници, меѓу Северна Македонија и Албанија ќе овозможи новиот концепт „One-stop-shop“, кој од денеска стартува на најголемиот граничен премин меѓу двете земји, Ќафасан-Ќафтан во близината на Струга.

Тоа значи заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин. На настанот присуствуваа премиерите на двете држави, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и највисоките претставници на царинските управи на двете држави.

„Овозможувањето на проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските меѓу луѓето, го зголемува и дружењето помеѓу луѓето, нешто што половина век недостигаше со меѓу Албанија и Македонија во тоа време. Но веќе тоа е минато и денес ние претставуваме пример како треба да се однесуваат две соседни држави. Со ова се олеснува работата и на 11 000 компании од нашата држава, кои се ориентирани кон извоз, кои се ориетирани со трговија со други држави“, изјави Ковачевски.

Ова е важен момент затоа што конечно значително го олеснуваме преминот и даваме дополнителен поттик не само на комерцијални размени, туку и за развојот на нашата трговија како целина, без да го заборавиме развојот и на туризмот“, рече Рама.

На овој начин ќе се олесни и пристапот на македонските компании кон пристаништето во Драч, Албанија, а патувањето на македонските граѓани до албанското приморје, како посакувана дестинација за одмор, последните години ќе биде побрзо и поедноставно.

Ковачевски најави и железничко поврзување од Кичево до Лин, суво пристаниште во Струга и дека за пет години ќе заврши и изградбата на коридорот 8 со што меѓу двата соседа ќе има најдобра инфраструкура на Балканот. Тој и со порака дека на регионот не му се потребни граници.

„На Балканот не ни требаат граници. Граници нема во Европа, граници не треба да има ни на Балканот и затоа и политичките односи меѓу државите се на исклучително високо ниво. Ако ги погледнете политичките односи денес меѓу Северна Македонија и Албанија и Србија, Албанија и Србија,тие се на највисоко ниво од било кога во изминатиот век“, вели Ковачевски.

После граничниот премин Табановце со Србија, ова е втор премин каде се воведува овој концепт.

Вицепремиерот Артан Груби рече дека нема ништо поубаво од отстранувањето на бариерите и границите и најави дека овој проект ќе продолжи и на другите гранични премини.

„Големо задоволство е да сум денеска тука со вас и да присуствуваме на настан, каде граници помеѓу нас веќе нема да има. Се надевам дека ова е само еден чекор кон тоа што вие секогаш го велите, надминување на сите административни бариери меѓу сите наши земји во регионот“, изјави Груби.

Беше речено дека помеѓу Албанија и Северна Македонија нема никакви проблеми и оти за 40 посто е зголемена трговската размена меѓу двете држави.

Нa Ќафасан во првите шест месеци од 2023 година поминале 770 000 граѓани.

Побрз проток на стоки и патници меѓу Северна Македонија и Албанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:22 0:00

XS
SM
MD
LG