Линкови за пристапност

Најмалку 18 лица загинаа во разорни бури на југот на САД


Невреме во Тексас.
Невреме во Тексас.

Во силни бури загинаа најмалку 15 луѓе, стотици беа повредени и оставија широка трага на уништување во неделата низ Тексас, Оклахома и Арканзас со уништени домови и постојки за камиони каде десетици бараа засолниште за време на налетот на смртоносните бури што го погодија централниот дел на Соединетите држави.

Невремето предизвика најголема штета во регионот кој се протега од северен Далас до северозападниот агол на Арканзас, а системот се закануваше да донесе уште посилни временски услови во другите делови на Средниот Запад.

До понеделник, рекоа синоптичарите, најголемиот ризик ќе се префрли на исток, покривајќи широк дел од земјата од Алабама до близу Њујорк.

Гувернерот на Кентаки Енди Бешеар прогласи вонредна состојба рано во понеделникот во објава на платформата на социјалните мрежи X, наведувајќи „повеќе извештаи за штета од ветер и торнадо“.

Седум смртни случаи беа пријавени во округот Кук, Тексас, во близина на границата со Оклахома, каде што торнадо проби рурална област, изјави гувернерот на Тексас, Грег Абот на прес-конференција во неделата.

Меѓу загинатите има и две деца на возраст од 2 и 5 години. Тројца членови на едно семејство се пронајдени мртви во домот, изјави шерифот на округот.

Невремето усмрти и две лица и уништи куќи во Оклахома, каде беа повредени гостите на свадба на отворено, а пет лица во Арканзас. Десетици илјади жители низ регионот останаа без струја.

Околу 100 луѓе се повредени во Тексас, а повеќе од 200 домови и објекти се уништени, рече Абот, седејќи пред уништената постојка за камиони во близина на малата земјоделска заедница Вали Вју. Областа беше меѓу најтешко погодените, со ветрови кои достигнуваа околу 135 милји на час, соопштија властите.

„Надежите и соништата на семејствата и малите бизниси во Тексас се буквално уништени, во бура по бура“, рече Абот, чија држава беше погодена од повеќекратни напади на тешки временски услови, вклучително и бури во кои загинаа осум луѓе во Хјустон.

Хуго Пара, кој живее во Фармерс, северно од Далас, рече дека го преживеал ударот на бурата со 40 до 50 други луѓе кои се засолниле во кабини на постојка на камион. Невремето го откорна покривот и ѕидовите од зградата, ги искриви металните греди и остави уништени автомобили на паркингот.

Неколку луѓе се префрлени во болниците со брза помош и хеликоптер во округот Дентон, исто така северно од Далас.

Бројот на жртвите не се очекува да се зголеми и никој не е пријавен за исчезнат во Тексас, рече Абот, иако работниците за итни случаи спроведоа уште една рунда претреси за секој случај.

Осум лица загинаа во Арканзас, потврди гувернерката Сара Хакаби Сандерс на прес-конференција во неделата вечерта.

Официјален претставник за итни случаи рече дека две смртни случаи се припишуваат на околностите на невремето, но не директно предизвикани од временските услови, вклучително и еден кој доживеа срцев удар и друг кој беше лишен од кислород поради прекин на струја.

Меѓу загинатите е и 26-годишна жена која била пронајдена мртва пред уништениот дом во Олви, мала заедница во округот Бун, според Даниел Болен од канцеларијата за управување со вонредни состојби во округот. Едно лице почина во округот Бентон, а уште две тела се пронајдени во округот Мерион, соопштија официјални лица.

Во Оклахома, две лица загинаа во округот Мајес, источно од Тулса, соопштија официјални лица.

Во Кентаки, маж беше усмртен во неделата во Луисвил кога врз него паднало дрво, соопшти полицијата. Градоначалникот на Луисвил, Крег Гринбург, на социјалните мрежи потврди дека смртта била предизвикана од невремето.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG