Линкови за пристапност

МВР заплени компјутери и документација, Обвинителството истражува дали на Онкологија се крадела терапија од пациентите


МВР ја тресеше Онкологија, но и станови на вработени барајќи докази дека вработени на Онкологија ги ускратувале пациентите од неопходната терапија, им подметнувале биолошки раствор, а скапата терапија ја продавале на црниот пазар. Предистрагата во Обвинителството е отворена по серија текстови на неделникот „Фокус“. Министерот за здравство Меџити со поддршка за акцијата.




СКОПЈЕ - Компјутери, електронски податоци и документација одзема и заплени полицијата во вчерашниот претреси на Клиниката за Онкологија и во приватни домови, соопшти Обвинителството. Што има во компјутерите и документацијата и дали ќе се потврди дека одговорни во Клиниката ја краделе и препродавале терапијата наместо да се обидат да ги спасат или барем продолжат животите на пацинетите на Клиниката кои зависат од таа терапија.

Од Обвинителството соопштија дека претресите се во рамки на предистрага која е отворена по серијата текстови на неделникот „Фокус“ за криминална мрежа составена од вработени во Клиниката за Онкологија кои продавале цитостатици но и биолошка терапија на црниот пазар на начин што во системот внесувале фиктивни пациенти, а дел од пациентите кои примале биолошкат терапија наместо цела доза добивале половична разредена со билошки раствор бидејќи а остатокот се препродавал.

„Припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Одземени беа компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.ОЈО Скопје и МВР продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, соопштија од Обвинителството.

Според извори на „Гласот на Америка“, терапијата која се изнесувала од амбулантата во Клиниката за Онкологија била со фиктивни налози за пацинети на кои имало потпис од одговорни лица а исто така и симптоматската терапија, спротивно на сите протоколи, им се давала на пациенти самите да ја терапираат дома.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска даде поддршка на Обвинителството во расчиствување на случајот.

„Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“, стои во писмената изјава на Меџити.

Истакнати здравствени работници преку социјалните мрежи јавно го искажаа гневот и разочарувањето на наводите за трговија со лекови Клиниката за онкологија и побараа најстроги казни.

„Да се дава на најтешките болни само половина од терапијата без тие да знаат и со тоа скапата биолошка терапија медицинскиот персонал свесно од Клиниката за Онкологија да ја препродава на црниот пазар, па тоа да ми простите е нешто премногу и замојот желудник да може да го свари“, напиша доктор Ивица Апостолов на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во април го објави ревизорскиот извештај за работењето на Клиниката за Онкологија во 2012 година и во извештајот беа нотирани пропусти при набавка на биолошка терапија, акцелератор кој фаќа прав, монополски тендери, лошо планирање на системот за приклучување на пациенти на терапијата, пречекорување на Буџетот за над 10 милиони евра и ненаплатени долгови од речиси 3,5 милиони евра.

Во процесот на терапирање на пациентите, ревизорите утврдиле дека во 2021 година немало протокол и докторите одлучувале кој ќе добие биолошка терапија без да се провери залихата на терапијата и дали има доволно за пациентите кои веќе се поставени на оваа терапија што подоцна било корегирано.

Во март годинава медицинска сестра од дневната болница на Клиниката украде дваесетина ампули од различни видови цитостатици вредни неколку илјади евра и откако беше идентификувана преку видео-надзорот се предозира со апчиња и беше хоспитализирана на Клиниката за токсикологија.

XS
SM
MD
LG