Млади учат да прават музика на образовен автобус со името на познатиот член на Битлс.
Едукативниот автобус Џон Ленон е музичко студио на тркала. Тоа е непрофитен проект, делумно поддржан од вдовицата на Ленон, Јоко Оно, креативен начин за сеќавање на членот на Битлс кој беше убиен на 8-ми декември 1980-та во Њујорк.
Автобусот Џон Ленон е на пат десет месеци во годината од 1998-ма наваму, посетувајќи училишта, колеџи, локални центри и музички фестивали.
Овогодишната турнеја по земјата е во знакот на 70-от роденден на Џон Ленон. Ја спонзорира Мон Блан, реномирана компанија за производство на пенкала. Компанијата неодамна стави во продажба специјална едиција на пенкало на Џон Ленон. Портпаролот на компанијата Жан Патрик Шмиц вели дека поддршката за автобуската турнеја дошла сосема природно.
„На Џон Ленон гледаме како на еден од музичарите од минатиот век кој веројатно инспирирал многу генерации. Кога работевме на оваа специјална едиција на пенкала, налетавме на едукативниот автобус на Џон Ленон, што е многу интересна работа. Особено денес, кога многу училишта имаат ограничени буџети, програмите врзани со уметност се први на удар за кратење. Џон Ленон оваа година би наполнил 70 години. Да беше жив, сигурен сум дека ќе застанеше зад оваа програма“.
Најновата турнеја на автобусот започна во октомври.
„Од Њујорк замина за Лас Вегас, Лос Анџелес, Хјустон, Мајами. Автобусот ќе мине неколкупати низ земјата за една година. Се договоривме со училиштата да го паркираме автобусот во училишните дворови или пред самите училишта“, вели Шмиц.
Линда Рил работи со ученици и наставници во средното училиште Грејди во Хјустон, сојузната држава Тексас, една од станиците на автобусот.
„Автобусот пристигна рано наутро, со професионални музичари кои беа извонредни со нашите ученици и кои открија скриени таленти за кои и самите деца не знаеја дека ги поседуваат“, раскажува Рил.
Осуммина студенти кои се занимаваат со музика беа избрани да учествуваат во ова музичко искуство. Рил вели дека било извонредно:
„Сите беа целосно вклучени во процесот. На крајот од денот снимаа видео-материјал што ќе оди заедно со музиката. Им беше дадена шанса да ја користат имагинацијата. Направија целосна рап-нумера на која и` дадоа наслов This is How We Roll.
“Направивме песна од ништо. Ставивме текст и со компјутер додадовме ефекти. Всушност, низ целата песна ги користевме нашите инструменти“, вели седмооделенецот Дилон Џонсон, кој свири на удиралки.
Работата со музичарите на автобусот оставила голем впечаток на Џордин Пурсел, 13-годишник кој свири на кларинет.
„Кога влегов во автобусот ми беше незгодно, но тие беа толку добри со мене, што тоа брзо ми помина. Одвај чекам да видам како звучи снимениот материјал. Сакам да продолжам да свирам“, вели Пурсел.
Откако ќе ја почуствуваат магијата на создавање и снимање музика, учениците велат дека сега сонуваат еден ден да станат музичари кои ќе влезат во животот на други и ќе бидат нивна инспирација, како што Џон Ленон беше инспирација за многумина.