Линкови за пристапност

Стабилноста на Балканот да не се зема здраво за готово


Крис Марфи, член на Сенатската комисија за надворешни работи: „Политичката криза што се одвива во Македонија е потсетник дека САД не смеат да ги земат мирот и стабилноста на Балканот здраво за готово“
Крис Марфи, член на Сенатската комисија за надворешни работи: „Политичката криза што се одвива во Македонија е потсетник дека САД не смеат да ги земат мирот и стабилноста на Балканот здраво за готово“

Сенаторот Марфи бара поголем ангажман од САД и ЕУ и коренити промени во работата на македонската влада; ОМД инсистира македонските граѓани да ја ставаат државата на прво место

„Политичката криза што се одвива во Македонија е потсетник дека САД не смеат да ги земат мирот и стабилноста на Балканот здраво за готово“, смета сенаторот - демократ Крис Марфи, член на Сенатската комисија за надворешни работи.

Во изјавата посветена на ситуацијата во Македонија, дадена пред неделниот протест, Марфи наведува дека изнесеното во аферата прислушување повикува на коренити промени во работата на Владата. Негова оценка е дека Владата првично презела позитивни чекори во врска со тоа, но дека се потребни пошироки институционални промени за борба против корупцијата, јакнењето на интегритетот на изборниот систем, промоцијата на судската независност, како и заштитата на слободата на говорот и на медиумите.

„Владата мора веднаш да презеде чекори за да обезбеди одговорност за сите наводи за злодела во објавените снимки, меѓу што и целосна соработка со собраниската истражна комисија којашто наскоро ќе се воспостави“, вели сенаторот, додавајќи дека поплаките треба да се разрешат преку дијалог и соработка со опозицијата и граѓанското општество.

„Ги осудувам постапките на сите вооружени групи или страни коишто би го дестабилизирале Балканот преку насилство. Го изразувам моето најдлабоко сочувство до семејствата на полицајците коишто беа убиени во Куманово и до недолжните жители погодени од неодамнешното насилство“, вели Марфи, оценувајќи дека „неуспехот целосно да се примени Охридскиот договор и да се обезбеди праведен третман на малцинските заедници носи ризик овие инциденти да се користат за поттикнување на поделби во Македонија и околните земји“.

Според членот на Сенатската комисија за надворешни работи, етничката хармонија и демократската стабилност се суштински за македонската евроатлантска иднина, а ЕУ и САД мора да го сторат својот дел во тоа да обезбедат реалистичен пат напред за Македонија. Во недостиг на таков поттик, заклучува Марфи, ќе продолжи да трпи напредокот на Македонија, на сметка на регионалната стабилност.

На кризата во Македонија реагираше и Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), со загриженост „поради наводната злоупотреба на моќта од страна на македонските лидери од сите страни на политичкиот спектар. Исто така, ОМД е многу вознемирена од неодамнешните насилства кои се случуваат во повеќе области во Македонија“.

ОМД ги повика сите македонски водачи и активисти да се заложат за мирни и ненасилни протести и потенцира дека „македонските граѓани мора да ја ставаат државата на прво место, а партиските несогласувања да бидат секундарни проблеми. Тоа е можност и јавно да ги артикулираат различните ставови за тоа како државата би требало да функционира, што е суштина на демократското општество“.

ОМД во соопштението ја подвлекува и ургентноста - Македонија да сгане членка на НАТО и на Европската унија: „САД и ЕУ (вклучувајќи ги и нивните земји-членки Грција и Бугарија), мора да ги тргнат настрана нивните националистички агенди и да се согласат Македонија да се приклучи на НАТО и ЕУ без понатамошно одложување. Политичката, социо-економската и безбедносната состојба на Македонија и стабилност се најголем интерес за сите национални, регионални и меѓународни актери“.

Организацијата на дијаспората заклучува дека „македонските граѓани се носители на крајната одлука во Република Македонија и тие мора да ја ставаат иднината на Македонија на прво место со цел да се соберат плодовите на едно праведно и демократско општество на 21-от век“.

XS
SM
MD
LG