Американскиот министер за одбрана Марк Еспер и државниот секретар Мајк Помпео ќе ѝм се придружат на стотици глобални лидери во Германија во петок на тридневната конференција за безбедност во Минхен.
Најголемата пресметка на Вашингтон во Минхен најверојатно ќе биде со Иран, кој го испраќа министерот за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф на самитот
Бројни безбедносни прашања низ цел свет, како Сирија, Јемен, Иран, Хонг Конг, Украина и Либија, ја зголемуваат тензијата пред самитот, кој се одвива во екот на епидемијата на коронавирусот и глобалната климатска криза.
Големата делегација на САД е знак дека Вашингтон сака да ги отфрли обвиненијата дека се повлекува, вели аналитичарката Елизабет Броу од Британскиот институт за кралски услуги, која присуствува на конференцијата во Минхен.
„Додека ние зборуваме всушност, САД ја започнуваат својата најголема воена вежба во Европа“, истакна Броу во интервју за Гласот на Америка. „И, тоа би требало да го земеме во предвид, кога зборуваме за оддалечувањето на САД од Европа“.
Најголемата пресметка на Вашингтон во Минхен најверојатно ќе биде со Иран, кој го испраќа министерот за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф на самитот. Тој и неколку други светски лидери и владини министри ќе добијат околу 15 минути за да се обратат на конференцијата, пред сесиите за прашања и одговори.
Неколку билатерални средби обично се одржуваат на маргините на конференцијата, која што се смета за клучен годишен настан за одржување на дијалогот помеѓу глобалните стратешки ривали.
Односите помеѓу САД и Иран се затегнаа со убиството на врховниот ирански генерал Касем Солејмани.
Домаќинот на конференцијата, поранешниот германски амбасадор Волфганг Ишингер, се надева дека конференцијата ќе понуди спас за иранскиот нуклеарен договор од кој САД се повлече.
Тој предложи „преговори за балистички системи, регионална безбедносна архитектура, борба против тероризмот. Може ли Иран да престане да го поддржува Хезболах?“ запраша Ишингер на прес-конференција во средата.
Убиството на Солејмани на ирачко тло предизвика реакција од Багдад и гласање во ирачкиот парламент за протерување на пет илјади американски војници.
НАТО дискутира за преземање на мисија за обука за ирачките сили кои се борат со Исламската држава - предлог што го поздрави американскиот министер за одбрана Еспер.
„До тој степен НАТО да може да го компензира американското присуство, така што со тек на време ќе ни овозможи да донесеме некои од силите дома“, рече Еспер.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ќе присуствува на конференцијата во екот на епидемијата на коронавирусот
Во меѓувреме, конфликтот во Сирија продолжува да го дестабилизира регионот на Блискиот исток, со предупредување од Анкара за одмазда против Дамаск за смртта на турските војници во судирите оваа недела.
Војната во Либија е исто така на врвот на европската агенда. Има надеж дека мировните преговори може да напредуваат во Авганистан.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ќе присуствува на конференцијата во екот на епидемијата на коронавирусот, про-демократски протести во Хонг Конг и напорите предводени од САД за запирање на растот на кинеската фирма за телекомуникации „Хуавеи“.
Москва ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Како што растат глобалните тензии, лидерите од целиот свет три дена ќе поминат во историскиот хотел Баеришер Хоф во центарот на Минхен, каде најверојатно ќе се водат жестоки разговори.
Facebook Forum