Одбивањето на специјалниот советник Роберт Мулер да го ослободи претседателот на САД Доналд Трамп од опструкција на правдата, преку обид да ја попречи истрагата за Русија, ги охрабри демократите да повикаат на повеќе истраги за претседателот и можен импичмент.
„Ќе преземеме акција да го повикаме претседателот на одговорност“, изјави конгресменот Џеролд Надлер, претседавач со Комисијата за првосудство на Претставничкиот дом, нагласувајќи дека сите опции се на маса, вклучувајќи го и импичментот.
Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси се воздржува од отворање на сослушувања за импичмент, и инсистира на повеќе конгресни истраги за Трамп и неговата администрација.
Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, пак, рече дека „извештајот е чист, нема соработка, и Одделот за правда потврди дека нема опструкција. После две години специјалниот советник продолжува со неговиот живот, и секој треба да го направи истото“.
Сенаторот Линдзи Грем рече дека изјавата на Мулер ги зацврстува откритијата во извештајот, и што се однесува до него случајот е затворен, додавајќи дека и специјалниот советник Мулер одлучил да продолжи понатаму, нешто што треба да го направи и Конгресот.
И повеќето други републиканци во Конгресот нагласија дека е време да се продолжи понатаму, со фокус на пронаоѓање вистински решенија за американските граѓани.
Facebook Forum