Линкови за пристапност

Мулер денес пред Конгресот - ќе открие ли сведочењето нови информации за Трамп?


Претседателот кажа дека нема намера да го гледа петчасовното сослушување на поранешниот специјален советник

Поранешниот специјален советник Роберт Мулер денес сведочи пред Конгресот за руското мешање во изборите во САД во 2016-та, како и за тоа дали претседателот Доналд Трамп ја попречил правдата преку обид да влијае врз истрагата.

Денешното сведочење е од големо значење за Трамп, кој се обидува да обезбеди уште еден мандат во Белата куќа на изборите следната година.

Претседателот кажа дека нема намера да го гледа петчасовното сослушување на Мулер. Тој вели дека сведочењето ќе биде губење време, и оти тој бил ослободен од вина за можна соработка со Русите и за мешање во истрагата на Мулер.

Сепак, милиони Американци се очекува да го следат денешниот распит пред Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом, како и пред Комисиите за разузнавање.

Сведочењето е од голем интерес за 235 демократи, од кои една третина побараа импичмент на претседателот.

Тие се очекува да бидат фокусирани на најмалку пет забелешки од извештајот на Мулер кој беше објавен на 448 страници, според кои Трамп наводно се обидел да ја попречи правдата.

Мулер веќе кажа дека извештајот е негово сведоштво, и засега не е јасно колку нови информации тој би можел да открие во текот на денешното испрашување.

Одделот за правда во понеделникот му испрати писмо на Мулер, во кое се нагласува дека тој мора да остане во рамки на јавната верзија на извештајот, и оти не може да зборува за однесувањето на трети страни за кои нема обвинение.

Сепак, законодавците би можеле да го прашаат Мулер зошто не издал наредба за лично сведочње на Трамп кој, пак, во неколку наврати кажа дека би сакал да сведочи.

Мулер во извештајот нагласи дека истражителите не се обиделе да поднесат обвинение против Трамп, бидејќи регулативите на Одделот за правда забрануваат да се поднесе кривично обвинение против претседател кој се` уште ја извршува функцијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG