Линкови за пристапност

МПЦ ја повлече забраната за користење Фејсбук


Светиот синод ги послуша реакциите и препораките на јавноста и на дел од црковните високодостојници.

Владиците и свештениците ќе можат да ги користат социјалните мрежи за комуникација со верниците, но со одредени ограничувања, е новата одлука на Светиот синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

По бројните реакции во медиумите и општо во јавноста, меѓу кои не беа ретки ни обвинувањата или шегите на сметка на дел од членовите на Синодот за забраната за користење на социјалните мрежи, наводно поради „заштита од злоупотреби и од новиот феномен на исповед и интимни конверзации со младите луѓе“, Синодот денес ги послуша предлозите и на дел од црковните високодостојници кои се спротивставија на одлуката донесена на инцијатива на митрополитот г. Петар. По реакциите и нападите, тој во медиумите изјавуваше дека дека барањето забрана за користење на социјалните мрежи било поради зачестените негативни појави. Со неговата иницијатива, всушност, требаше забраната од пред две години, која тој ја донесе во неговата Преспанско-пелагониска епархија, како и во Австралиско-новозеландската епархија која ја администрираше – да се прошири на целата МПЦ-ОА.

Дел од медиумите реагираа дека се работи за обид да се спречат свештениците, особено помладите, да коментираат настани вон црквата, особено отако на социјалните мрежи дел од свештениците изнесуваа ставови за контроверзни настани во државата, што доведе и до конфронтации меѓу владици.

Сепак, денес е истакнато дека забрана и немало, дека се работело за погрешно претставување на одлуката во јавноста и дека отсега, за владиците постои само препорака за разумно користење на социјалната мрежа. Епископот хераклејски Климент, кој е и секретар на Синодот, изјави дека „ќе се допрецизираат начините на кои ќе може да се користи оваа социјална мрежа со оглед на реакциите кои се појавија во јавноста откако беше донесена одлуката“, и дека „на почетокот на следната година треба да бидат дефинирани начините како и за кои потреби ќе може да се користи социјалната мрежа“.

По донесувањето на новата долука, коментираше и еден од владиците-застапници за користењето на социјалните мрежи, г. Пимен, кој на профилот на Европската епархија на МПЦ-ОА, на Фејсбук, постирал фотографија на Марк Цукерберг и знакот „лајк“.
XS
SM
MD
LG