Линкови за пристапност

Можно е да биде потребно адаптирање на новите американски економски мерки, велат експерти од Северна Македонија


Постои опасност од индиректна погоденост, како прво, треба да се види што ќе биде политиката на САД, визави Европа, вели Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвестиции во земјата
Постои опасност од индиректна погоденост, како прво, треба да се види што ќе биде политиката на САД, визави Европа, вели Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвестиции во земјата

Пo најавите дека администрацијата на Трамп ќе воведе повисоки давачки за увозот од странство, Гласот на Америка го истражува потенцијалното влијание  врз македонската економија

Бројните странски компании од автомобилската индустрија во Северна Македонија, помеѓу кои има и американски, нема да бидат директно погодени, од најавата на новиот американски претседател, Доналд Трамп за воведување на царини за Кина, но и за Мексико и Канада.

Ова го вели Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвестиции во земјата. Но, тој посочува на друга опасност.

„Постои опасност од индиректна погоденост. Како прво, треба да се види што ќе биде политиката на САД, визави Европа, бидејќи постојат потенцијални информации дека таков вид на царински тарифи ќе бидат спроведени и кон Европа. Не сакам да речам дека постои страв, туку повеќе сакаме да видиме што ќе се случи и како да ги адаптираме нашите дејствија визави на сето тоа“.

Истовремено, додава Мизо, треба да се види како Европа ќе се постави наспроти Кина. За него, ваквиот вид на економски мерки понекогаш значат зголемување на цените за крајни потрошувачи или пак намалување на трговијата меѓу различни континенти или големи играчи.

Веќе знаеме дека се воведени царини за електрични возила произведени во Кина, без разлика дали се тоа кинески или некинески брендови
Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвестиции во земјата

„Веќе знаеме дека се воведени царини за електрични возила произведени во Кина, без разлика дали се тоа кинески или некинески брендови. Тука влегуваат и европски компании и Тесла, која произведува возила во Кина, а кои се пласираат на европскиот пазар и како и колку тие ќе бидат конкурентни и како тоа ќе влијае врз понатамошниот развој на тие геостратешки потенцијални трговски војни“.

И претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, предупредува на опасноста од ваквите најави.

„Тоа значи дека ќе има распределба и на добивките и на профитите и на се` друго. Затоа што САД е најмоќната земја во светот и прва економија во светот со кинеската и тоа не може да остане без последици.

На прашањето дали ќе почувствуваат на удар и странските компании кои работат во Северна Македонија, Азески одговори дека се прават напори „со воведување на новиот корпоративен данок од наредната година последиците да бидат помали“.

Но, Мизо вели дека во овој момент за странските компании кои работат во земјата, е многу важно да се види што ќе биде со цените и инфлацијата, а особено каков тек ќе има војната во Украина, односно дали Трамп ќе влијае на завршување на тој конфликт во скоро време:

„Важно е да нема војни, да има некаква сигурност и затоа сметам да почекаме до 20 јануари, додека Трамп ја преземеме функцијата претседател на САД. И мислам дека нема потреба да чекаме 100 дена, туку релативно брзо по почетокот на новата администрација ќе се кристализира, што и како ќе биде поставеноста на Америка кон другите глобални конкурентни пред се` на економско поле“.

Професорот на економскиот факултет при УГД-Штип, Дарко Лазаров, пак, смета дека тие состојби нема да имаат големо влијание, затоа што македонската економија е мала.

„Можеби во одредени сегменти може да има и позитивни импликации особено врз странските компании во зоните, кои во тие промени и во ланците на снабдување можеби ќе искористат нешто во зголемувањето на своите нарачки“, вели професорот Лазаров.

Трамп веќе најави дека посебно на Кина, но и на Мексико и на Канада, ќе им бидат зголемени давачките за влез во САД на нивни производи. Минатата, 2023 година, САД беа 13 трговски партнер на Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG