Сигурно сте забележале дека некои луѓе повеќе се каснувани од комарци во споредба со други. Научниците се обиделе да откријат зошто е тоа така и да ја искористат таа информација за да ги заштитат луѓето од маларија.
Вкупно 214 милиони лица заболуваат секоја година од оваа болест, и тоа најчесто во Африка. Како резултат на маларијата, годишно умираат околку 450.000, од кои повеќето се деца.
Истражувачи од Универзитетот Џонс Хопкинс нашле докази кои укажуваат на тоа дека не е само мирисот што ги привлекува комарците кај луѓето.
Кристофер Потер е професор по неврологија кој ги изучува сетилата на комарците. Тој вели дека за разлика од луѓето кои имаат нос, комарците имаат всушност три вакви органи, со чија помош препознаваат мирис и вкус.
„Според тоа, мора и во мозокот на комарците да има место каде го препознаваат вкусот во комбинација со мирисот. И токму тоа го користат пред да каснат некого. Тие всушност нас не` мирисаат и не вкусуваат и се водат токму од тоа пред да одлучат кого ќе каснат“, вели тој.
Ова откритие на Потер и неговите колеги се однесува на комарците што пренесуваат маларија.
Ова е првпат научници да ја откријат точната локација на сетилата за мирис и вкус на комарците.
Со истражувањето на сетилата за мирис, дошле до заклучок дека можно е на комарците да им се допаѓа не само мирисот на луѓето, туку и вкусот.
„Долгорочната цел е подобро да се идентификуваат супстанците што ги привлекуваат, а со тоа ќе можеме да создадеме подобри, побезбедни, поевтини и поефикасни средства против нив, кои ќе можеме да ги произведуваме и да ги дистрибуираме низ светот на големо“, вели Потер.