Линкови за пристапност

Каде ќе се пласира Преспанското јаболко?


По седум месеци од забраната за извоз на Преспанското јаболко на рускиот пазар, поради наводното присуството на т.н. кафеава бубачка, истата се` уште е на сила. Дури 200.000 тони од овие јаболка секоја година редовно завршуваа таму. Овоштарите се надеваат дека во ваквата одлука нема политика.

Што се однесува до „бубачката“ тие велат дека или е измислена или потекнува од некоја трета земја, каде јаболката биле препакувани.

„Покрај земјоделските производи, многу е засегната и фармацијата од нашата земја. Има потреба од дипломатски решенија до крајот на август или почетокот на септември, во однос на овие две гранки - да биде спуштена забраната или ембаргото. Ние сме земјоделска гранка, не се занимаваме со политика, а оваа забрана и тоа како влијае на продажбата“, вели Љубе Пампулески, претседател на здружение на овоштари од Ресен.

Пласманот на македонски јаболка и цреши неизвесен
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:45 0:00

Од Министерството за земјоделство велат дека Владата на Република Северна Македонија преку своите институции ја следи состојбата и согласно тоа ги презема сите мерки за нормализирање на извозот на македонски производи.

Но, голем проблем за овдешните овоштари е немањето на алтернативни пазари за пласман на нивните производи.

„Арапските пазари и пазарот во Египет е вистинско решение, но поради транспортот и административни пречки, како и фактот што Грција има склучено договор за соработка на овој план со Египет - имаме одредена пречка. Како земја што не е членка на ЕУ не сме подготвени на вистинскиот начин за влез и на тој пазар, освен кога има недостиг на јаболка на тој пазар за надополнување на свежо јаболко. Во последните 15-20 години, само во два до три случаи имавме на пласман на трпезно јаболко и два до три случаи на јаболко за преработка“, вели Пампулески.

На само еден месец до почетокот на бербата во јули, со проблеми се соочува и охридската цреша. Земјоделците стравуваат дека исто како и лани така и сега, поради војната во Украина и заладените односи со Русија, црешата ќе остане без пласман на пазарите во овие две држави.

„Тоа не е малку за неколку наши села, добар дел од буџетот да си пополнат со цреша, бидејќи е профитабилна. Одеше редовно за Украина и за Русија. Нешто лани се извезе за Шведска. Се надеваме ако се пробие дел од европскиот пазар и ако ги исполниме регулативите, нашиот квалитет ќе пронајде пласман“, рече земјоделецот Ванчо Стојановски.

Тие бараат државата да преземе мерки и да најде решенија за пласман, додека уште има време.

„Не е само да произведеме храна, која на крајот ќе излезе дека нема каде да ја продадеме. Екстра квалитетно јаболко завршува во преработувачки капацитети за производство на сок. Меѓутоа не е достигната вистинската цена за производот на која производителите сметале“, вели Пампулески.

Од Министерство за земјоделство велат дека државата преку сите свои механизми ги промовира македонските производи на сите пазари во целиот свет се со цел да се презентираат вкусовите на македонските производи.

„Целта на овие промоции е нашите производи да не бидат зависни од еден пазар. Се разбира одзивот не зависи од нас туку од крајните корисници. Ако ги погледнеме бројките за извоз на јаболко во 2021 година споредбено со 2022 година може да се забележи раст од 2 отсто. Ова значи дека извозот не е застанат и квалитетните земјоделски производи ќе си го најдат својот пласман“, велат од Министерството за земјоделство.

И, кај Охридската цреша имало зголемување на извозот споредбено 2021 година со 2022 година од 4 отсто. За оваа година пласманот е се` уште неизвесен.

XS
SM
MD
LG