Линкови за пристапност

Мора да има одговорност за воените злосторства на Путин, рече сенаторот Менендез


Не треба да се чека конфликтот во Украина да заврши за да се бара одговорност, изјави Џим Риш, републикански сенатор од Ајдахо, на прашањето на Украинската редакција на Гласот на Америка дали може да се бара одговорност за руските злосторства и пред војната да заврши.

„Нема временска рамка кога треба да се случи. Одговорноста е нешто на што сакаме да инсистираме ние, знам дека Украина сака да инсистира, и со право. Се работи за правда и тоа треба да се случи. Нема временска рамка за тоа. Тоа треба да се случи што е можно поскоро. И не треба да се чека додека конфликтот да заврши“, рече Риш.

На пршањето дали ако Украинците возвратат на руска територија може да се загрози воената поддршка од западните сојузници, Риш одговори:

„Тоа се прашања што Украинците сами треба да си ги одговорат. Ова е нивен конфликт. Тие знаат што треба да направат за да одговорат. Го сфаќам тоа и сигурно не сум од оние кои ќе седат и ќе оценуваат што тие да прават“.

Демократскиот сенатор од Њу Џерси Боб Менендез вели дека Украина треба да победи во војната заради слободата на Украина и за да се одржи генералната позиција дека не може со сила да се земе територија на друга држава.

„Мораме да осигураме, независно од сè, да бараме одговорност за воените злосторства на Путин. И посветени сме да направиме сè што е можно за тоа, и ќе работиме со Украинците за да го постигнеме тоа. Ќе работиме и со Меѓународниот кривичен суд да го постигнеме тоа“, изјави Менендез за Украинската редакција на Гласот на Америка.

Белата куќа неделава соопшти дека Вашингтон не поддржува напади во Русија и е фокусиран на помагање на Украина да ја врати нејзината територија.

„Ги видовме вестите и сè уште собираме информации за тоа што се случи. Општо земено, ние не поддржуваме напади внатре во Русија“, рече портпаролот на Белата куќа во соопштението.

Портпаролот рече дека Вашингтон е „фокусиран да ѝ обезбеди на Украина опрема и обука што ѝ е потребна за да ја врати сопствената суверена територија“, и укажа на руските напади врз Киев, кој во мај беше погоден со беспилотни летала или проектили 17 пати.

Русија соопшти дека украинските беспилотни летала нападнале богати области на Москва во вторникот, гаѓајќи ги областите каде што претседателот Владимир Путин и другата руска елита имаат резиденции.

Според градоначалникот на Москва, во инцидентите се повредени две лица.

Путин рече дека нападот во вторникот е обид да се исплаши и да се испровоцира Русија, и дека воздушната одбрана околу главниот град ќе биде зајакната.

Украина, која бележи речиси ноќни напади врз нејзиниот главен град, негираше каква било „директна вмешаност“.

XS
SM
MD
LG