Линкови за пристапност

Новите протести за случајот “Монструм” минаа без инциденти


Помала група демонстранти, за разлика од минатиот пат

Денеска се случија нови протести поврзани со случајот “Монструм”. За разлика од минатиот пат, помала група од стотина граѓани се собраа пред Јаја пашината џамија и се упатија кон зградата на владата на Република Македонија. Демонстрантите беа спречени од полицијата да допрат до Владата и протестот беше ограничен до зградата на трговскиот центар Мавровка.

Организаторите велат дека протестот претходно го пријавиле во МВР и дека ја навеле и локацијата до која ќе се движат, како и дека крајната дестинација ќе им биде Владата.

„Дозволено ни е да протрестираме, маршрутата ни е од „Чаирчанка“ до Владата. Сега имаме пречки од полицијата, значи ова е провокација број еден од нивна страна. Се крши правото на протест, загарантирано со Устав. Имаме и некои дополнителни ставови кои ќе ги прочитавме пред Влада, сакавме и тие да слушнат, за тоа што ние сакаме и за што се трудиме“, рече Бедри Хајдари, брат на еден од осудените во случајот „Монструм“.


Демонстрантите повторно бараа ослободување на обвинетите во случајот Монструм, но овој пат протесираа и против пресудите на лицата коишто учествуваа во минатите протести и на коишто поради предизвикување на немири им беше изречена затворска казна во висина од три години.

Како што рече организаторот на протестите, тие имаат и други барања, но сакале лично да му ги достават на премиерот Никола Груевски.

Демострациите траеа околу половина час. За време на протестот, беше фрлен еден камен кон полицискиот кордон, но потоа организаторите ја смирија ситуацијата и не дозволија ескалација на состојбите. Демонстрантите извикуваа „УЧК“, „Али Ахмети е Македонец а не Албанец“, „Јанкуловска е терорист“, „Сакаме правда“.

Демонстрантите нагласија дека протестите од изминатиот месец за случајот „Монструм“ не се против Македонците, туку се наменети кон државните институциите во земјава што се под директна контрола од партиите што се на власт.


Инаку, на протестот пред две недели тие излегоа со неколку конкретни барања, меѓу нив и за прогласување на осудените за невини и нивно обештетување, за разрешување на обвинителката Гордана Гешковска и на судијата Ивица Стефановски и нивно кривично гонење поради злоупотреба на службената должност и за оставка на министерката Гордана Јанкулоска поради злоупотреба на службената должност.

XS
SM
MD
LG