Линкови за пристапност

Градината на Моне - во Њујорк


Градината на Моне, во Њујорк
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00
Direct link

Градината на Моне, во Њујорк

Ботаничката градина во Големото јаболко ја рекреираше инспирацијата на францускиот импресионист.

Ботаничката градина во Њујорк, парк од 100 хектари во Бронкс, последниве неколку месеци е огледало на една од најпознатите орнаментални градини во Франција, онаа што преку 40 години ја негувал францускиот импресионистички сликар Клод Моне.

Можеби им должам на цвеќињата што сум станал сликар, напишал еднаш Клод Моне. Им се оддолжил со многу слики инспирирани од градината во неговиот дом во местото Живерни во рурална северна Франција.

Ботаничката градина во Њујорк годинава рекреираше дел од таа градина.

„Бил одличен градинар. Креирал прекрасни комбинации што сега ги претставивме во Ботаничката градина, а што биле инспирација за неговите слики“, наведува Карен Дабман, директорката на изложбата.

Во „грандиозната алеја“ се влегува преку реплика од вратата во домот на Моне. Таа е богатство од бои и форми.

„Розите се важен дел од градината на Моне. Одгледувал различни видови. И тука ги имаме насекаде“, вели Дабман.

Моне, еден од основачите на францускиот импресионизам, ја негувал градината од 1883-та па се` до крајот на животот, во 1926. Сега таа е една од туристичките атракции во Живерни.

„Изложбата е проследена со текст што објаснува како Моне ги избирал растенијата. Еден од моите омилени цитати е - моето најубаво уметничко дело е мојата градина“, ги пренесува импресиите Дабман.

Изложбата е популарна. Посетителите се воодушевуваат на лотусите кои се капат на сонцето долж водните канали.

„Попрво би сакала да бидам во Живерни отколку во Бронкс, но ова е најблиску до тоа“, коментира посетителката Лиен Рихтер.

Изложбата вклучува и палета на Моне, историски фотографии на Живерни и фотографии на Елизабет Мури од градината денеска. Изложени се и две слики на Моне, од кои едната никогаш порано не била покажана во САД.
XS
SM
MD
LG