Честото миење на раце со сапун и вода најмалку 20 секунди се препорачува од страна на здравствените експерти за да се спречи изложеноста на KОВИД-19.
Тоа е токму она што го прават многу луѓе деновиве. Но, додека миењето раце и капењето означува лична хигиена во денешно време, тоа не било случај одсекогаш.
На пример, за францускиот крал Луј XIV се вели дека како возрасен се избањал само два пати - и тоа и двата пати по препорака од неговите лекари. Кралот имал главоболки, а лекарите сметале дека капењето ќе помогне во лекувањето. Но, бидејќи тоа не се случило, тој никогаш повеќе не се искапил.
Хигиенските ритуали на Луј XIV и други историски личности се раскажани во новата книга „Чисто тело: модерна историја“ од Питер Вард. Професорот по историја емеритус на Универзитетот во Британска Колумбија ја истражувал трансформацијата на хигинеските навики на Западот во текот на изминатите четири века.
Хигиената некогаш и сега
Според Вард, Луј XIV не бил единствен со такви хигиенски навики.
Во 1700-тите години, повеќето луѓе од високата класа ретко, ако и воопшто, се капеле. Тие повремено ги миеле лицето и рацете и се обидувале да останат „чисти“ со тоа што ја менувале долната облека.
„Идејата за чистотата се фокусирала на нивната облека, особено облеката што се носела прилепена до кожата“, рече Вард. „Заедничкиот став беше дека белите ленени облеки што ги носеле под надворешната облека ги апсорбираат нечистотиите на телото, чистејќи ја кожата во тој процес“.
Во 1700-тите години, повеќето луѓе од високата класа ретко се капеле или воопшто не го правеле тоа.
Зашиени бели јаки и манжетни од внатрешниот слој честопати се протегале над надворешната облека, означувајќи ја чистотата на телото под нив. Тие исто така биле и симбол на социјална супериорност на оние што носеле таква облека, затоа што повеќето луѓе во западните општества не биле толку богати за да се облекуваат на тој начин.
Постепено, концептот на чистота се менувал, започнувајќи со високата класа, по што се ширел кон новопојавената средна класа.
„На крајот на 18 век, капењето почнало да се прифаќа меѓу богатите како нова форма на лична хигиена. Мажите и жените од високата класа почнале да гледаат нова вредност во тоа да бидат чисти, а капењето било нов начин да се стигне до чистота“, објаснува Вард.
Што се променило во 19 век?
Во 19 век, хигиената на телото станала нешто за што луѓето сметале дека ги разликува од пониските класи. До средината на векот, периодичното капење станало вообичаено.
Напредокот во индустријата, водоводот, архитектурата и науката помогнаа во ширењето на практиката на капење и миење на раце.
„Производство на нова опрема за капење и појавата на бањата, прво во домовите на богатите, а потоа во текот на околу еден век, масовно до сите“, вели Вард.
Производството на сапунот одиграло огромна улога во промовирањето на чистотата како посакуван и привлечен животен стил. Чистите тела и раце почнале да бидат симбол на социјална вклученост. Кон крајот на 19 век, луѓето започнале да ја сфаќаат врската помеѓу чистотата и доброто здравје.
Мијте ги рацете
Во 1880-тите, францускиот научник Луј Пастер ја открил врската помеѓу микробите и преносот на болести.
„Идеите на Пастер длабоко влијаеја на западното медицинско размислување“, рече Вард. „Тие исто така проникнаа во јавното здравство, кое стана најенергичен промотор на чистите раце за масите. Се сомневам дека миењето раце беше вообичаено во повеќето западни земји до 1920-тите и 1930-тите, иако генерално гледано, „револуцијата“ на личната чистота дојде подоцна во руралните отколку во урбаните средини.
И во оние држави каде руралните начини траеле подолго, миењето на раце и другите рутини на лична хигиена се усвојувале побавно“.
Деновиве, бидејќи честото миење на раце стана широко распространета практика против ширењето на КОВИД-19, Вард се надева дека луѓето ќе развијат нови практики за лична хигиена.
Но, тој не е оптимист.
Историјата покажува дека луѓето имаат тенденција да се грижат помалку за миење на рацете откако ќе заврши пандемијата, рече Вард.
Facebook Forum