Робертина Ал-Ашури од Охрид е официјална преведувачка на Европското фудбалско првенство кога играат балканските репрезентации.
„Мојата работа е ако се случи нешто на стадионот, да се обратам на публиката, каде треба да оди и што треба да прави ако дојде до инциденти“, вели Робертина за Глас на Америка.
„Јас не сум голем љубител на фудбал. Никогаш не сум го сакала тој вид спорт, повеќе сум за кошарка и ракомет. Но, добив понуда да го следам овој настан и морам да кажам дека сум воодушевена и изненадена. Ме воодушевува почетокот на играта, кога влегуваат екипите на стадион, со химната, со поздравите од публиката...“, вели Робертина Ал-Ашури, преведувач на европското првенство во фудбал.
Македонската фудбалска репрезентација не е дел од Европското првенство во фудбал, но затоа Робертина Ал-Ашури, која по потекло е од Охрид е ангажирана како официјален преведувач на стадионите каде што играат балканските репрезентации Албанија, Србија и Хрватска.
„Тоа се гледа од една друга гледна точка. Ние како преведувачи сме од страната на ложата за вип посетители. Тука се најдобрите места со добар поглед на целиот стадион и манифестација“, додава Ал-Ашури.
Сите се поврзани преку микрофони, воки - токи. Голема координација. Нешто неверојатноРобертина Ал-Ашури
Робертина која 16 години е овластена преведувачка во Германија за српски, македонски, албански и арапски јазик вели, да се биде дел од таква голема организација, која е испланирана до последниот детаљ е голема привилегија.
„Ние одиме пет-шест часа порано. Се проверуваат сите влезови и излези, тонски влезови, камери, кој реклами одат на големите монитори. Се е испланирано до детали. Сите се поврзани преку микрофони, воки - токи. Голема координација. Нешто неверојатно“, вели таа.
Нејзината улога е да комуницира со публиката и екипите на терен, со цел безбедносните мерки на стадионот да бидат на максимално највисоко ниво, за да не дојде до несакани инциденти. Вели дека дополнително на секои пет до десет луѓе има по еден редар.
„Мојата работа е ако се случи нешто на стадионот да се обратам на публиката, каде треба да оди, што треба да прави ако дојде до инциденти. И, покрај тоа што има повеќе од 50.000 – 60.000 публика, тоа е голема маса на луѓе, тие можат со камерата да видат што се случува насекаде. Не смее да има и никакви расистички изјави, нешто што не е соодветно и моментално се интервенира“, вели Ал-Ашури.
Иако досега не присуствувала на вака големи натпревари и стадиони, порачува дека атмосферата која со себе ја носи фудбалската игра мора барем еднаш во животот да се доживее.
„Мене до првиот ден на првенството не ми беше јасно каде ќе одам. Кога се упатив, мојата прва игра која требаше да ја следам беше во Гелзенкирхен. Десет минути пред тоа ме фати возбуда и паника, што ќе ме очекува и чувството не можеше да се опише“, додава таа.