Линкови за пристапност

Многу македонски граѓани и ова лето немa да си дозволат одмор надвор од државата


Ова лето не планирам никаде. Искрено да ви кажам не знам какви се цените, ниту ги следам, ниту ме интересира, вели жител на Охрид
Ова лето не планирам никаде. Искрено да ви кажам не знам какви се цените, ниту ги следам, ниту ме интересира, вели жител на Охрид

Дел од граѓаните и воопшто нема да заминат на летување, покажуваат анкети на јавното мислење. Нискиот животен стандард и зголемените трошоци за живот се главна причина за тоа. Од тие што сепак ќе заминат претежно ќе се упатат кон Грција или Албанија

Иако цените кај јужниот сосед Грција се за 20 отсто повисоки во однос на ланската година, сепак близината на морскиот брег и сè уште прифатливите цени на сместувањето во апартмани и вон-пансионската потрошувачка се главна причина зошто прв избор за одмор на македонските граѓани и ова лето е Грција.

Само лани според податоци на Здружението на грчки туристички бизниси на грчкиот брег одморале околу половина милион Македонци.

„Кога зборуваме за комфор зона, кажуваме дека патниците сè уште се движат на оној дел на Халкидики и олимписката ривиера. Последните десетина години се освојува и Јонскиот брег на Грција и островите на таа страна“, вели Елизабета Поповска, сопственичка на туристичка агенција.

Интерес има и за албанското приморје. Албанија важи за дестинација која сè уште ценовно е достапна за обичниот македонски граѓанин.

„Близината на дестинацијата, разбирањето на говорот, овозможува да патуваат и сами. Вон-пансионските услуги во Албанија се со пониски цени и тоа е она што ги влече нашите граѓани. Регионот на Драч им е познат на сите. Нашите граѓани можат да си дозволат одмор кој не го испланирале до крај на тие дестинации, излегување во ресторани, да вкусат морска храна, а и има поевтини цени“, додава Поповска.

Сепак многу македонски граѓани и ова лето немa да си дозволат одмор надвор од државата или пак воопшто нема да заминат на летување, покажуваат анкети на јавното мислење. Нискиот животен стандард и зголемените трошоци за живот се главна причина за тоа.

„Во Охрид, од Охрид сум јас. Ова лето не планирам никаде. Искрено да ви кажам не знам какви се цените. Ниту ги пратам ниту ме интересира. Само знам дека пред сезона и после сезона цените нешто се намалуваат“, вели жител на Охрид.

Друг негов сограѓанин ја посочува Албанија како дестинација.

„90 отсто во Албанија. Близу е, интересна е и евтина. Мислам дека е Албанија. Зависи од џебот и зависи од тоа какви бенефиции има. За средна класа мислам дека Албанија е прифатлива“, вели граѓанин.

„Хрватска сакаме оваа година. Не сме биле таму и затоа. Претежно ги избираме дестинациите различно секоја година и затоа“, вели друг наш соговорник од охридскиот регион.

Од туристичкиот сектор се жалат дека во однос на минатата година побарувачката е помала за дестинации како Турција, Египет, а полнењето на авионите одело тешко.

Како главни причини од туристичкиот сектор ги наведуваат:

- Нема регулиран пазар со регулирани правила. Секој може да биде туроператор и да настапува на пазарот.

- Нелоjална конкуренција.

- Цените на хотелите и авио компаниите се многу високи во однос на минатата година.

- Побарувачката или бројот на патници е ист или помал, а понудата е преголема.

- Бројот на населението опаѓа, а побарувачката е помала.

- Вредноста на платите е помала, а животните трошоци повисоки.

Некои од агенциите нудат и попусти за да привлечат повеќе гости. Забележуваат дека пандемијата променила еден дел во начинот на размислување како треба да се патува.

„Во делот претежно на тие групни патувања, повеќе се одлучуваат за индивидуални, поавантуристички патувања. Времето на патување е исто сменето. Веќе не постои традиционално, седум до десет дена еднаш годишно. Младите повеќе практикуваат и два до три одмори кои може да се пократко време“, додава Поповска.

Добар избор за одмор, кој сигурно нема да чини, како надвор од државата може освен Охрид, да бидат Струга, Дојран или Преспа.

XS
SM
MD
LG