Линкови за пристапност

Забележани објекти во нова област на потрагата по малезискиот авион


Новата локација е на околу 1.850 километри западно од австралискиот град Перт, и бродовите до таму не можат да стигнат пред сабота.

Австралиски авиони забележале објекти во Индискиот Океан во област каде е пренесена потрагата по исчезнатиот малезиски авион.

Австралиската Управа за безбедност во поморството кажа дека истражувачкиот авион Орион забележал објекти во петокот на нова локација, на околу 1.850 километри западно од австралискиот град Перт.

Според изјава на Твитер, управата вели дека авионот е во процес на испраќање на снимки од објектите, што ќе треба да бидат потврдени. Кажано е дека бродови нема да можат да стигнат до областа до сабота.

Порано во петокот потрагата се пренесе на повеќе од 1.000 км на североисток откако истражителите утврдиле дека исчезнатиот авион патувал побрзо и побрзо трошел гориво отколку што претходно се мислело, што го намалува поминатото растојание.

Генералниот менаџер на управата Џон Јанг во петок кажа дека информацијата базирана на радарска дата на податоци, е „најкредибилен знак“ до сега во потрагата по авионот, но предупреди дека „претстои долг пат“.

Малезискиот министер за одбрана Хишамудин Хусеин, кажа дека со оглед на струите на океанот, новата локација се` уште може да биде конзистентна со можните остатоци од авионот забележани на сателитски снимки изминатата недела во близина на старата локација на пребарување.

Хишамудин исто така кажа дека Малезија примила свежи сателитски снимки од тајландските и јапонските власти кои покажуваат повеќе можни објекти во старата област на пребарување. Тој не прецизираше кога снимките биле направени.
XS
SM
MD
LG