Поранешната прва дама Мишел Обама го опиша претпоставениот демократски претседателски кандидат Џо Бајден како способен водач за земја на „сочувствителни, истрајни и пристојни луѓе“. Во исто време остро го критикуваше претседателот Доналд Трамп за кој рече дека нема способност да ги разбере чувствата и искуствата на другите луѓе.
Нејзиниот говор ја заокружи првата од четири вечери на виртуелната национална конвенција на Демократската Партија. Во говорот таа рече дека Трамп на домашен терен не успеал адекватно да одговори на економската и социјалната криза и на пандемијата на коронавирус, а во исто време им свртел грб на меѓународните сојузи и врски градени од претходните администрации.
„Дозволете ми да бидам искрена и јасна колку што можам. Доналд Трамп е погрешен претседател за оваа земја. Тој имаше повеќе од доволно време да докаже дека може да ја заврши работата, но јасно е дека не може“ рече Мишел Обама во говор кој бил претходно снимен.
„Тој не може да одговори на овој момент“ додаде таа. „Тој едноставно не може да биде она што нам ни треба“.
Трамп ги исмеа активностите на Демократите за време на неговиот престој на аеродромот Минеаполис – Сент Пол порано во понеделникот за време на неговиот пат кон Манкато, Минесота.
„Кога ќе чуете дека говорот е претходно снимен, нема ништо возбудливо во тоа, нели“ изјави Трамп додека неговите поддржувачи се смееја.