Линкови за пристапност

Мисајловски: Испочитуван е условот на НАТО, два отсто од државниот буџет се за одбраната


Изложба на борбени возила по повод 30 години постоење на македонската армија во Скопје, 17 август, 2022 година
Изложба на борбени возила по повод 30 години постоење на македонската армија во Скопје, 17 август, 2022 година

Буџетот за одбрана изнесува 329 милиони евра, од кои 106 милиони се за модернизација. Со тоа е испочитувана обврската за 2% од државниот буџет да се наменети за одбраната, соопшти ресорниот министер Владо Мисајловски.

Испочитувана е обврската за два проценти од буџетот да бидат наменети за одбраната, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешниот редовен предновогодишен брифинг со новинарите во Домот на АРМ.

„Гледано во пари, тој буџет изнесува 329 милиони евра, од кои 32 проценти или 106 милиони евра се за модернизација и за опремување на армијата. Тоа се 18 милиони евра повеќе од минатата година“, истакна Мисајловски на брифингот.

Нови 300 професионали војници идната година ќе бидат примени во Армијата, најави министерот Владо Мисајловски на брифинг со новинарите, во Скопје, 24 декември, 2024 година
Нови 300 професионали војници идната година ќе бидат примени во Армијата, најави министерот Владо Мисајловски на брифинг со новинарите, во Скопје, 24 декември, 2024 година
Гледано во пари, тој буџет изнесува 329 милиони евра, од кои 32 проценти или 106 милиони евра се за модернизација
Владо Мисајловски

Во рамките на модернизацијата, до крајот на идната година се очекува да финализира набавката на воените возила JLTV и „страјкер“ од САД, како и набавка на системите за одбрана „боран“ и „мистрал“.

„Фактот е дека со модернизацијата во армијата инвестираме значителни средства и дека со секој изминат ден ден се зголемува и борбената готовност“, истакна Мисајловски.

Во однос на колективните договори за армијата Мисајловски рече дека по таа основа се исплатени 14 милиони евра за армиските припадници, или 99 отсто од предвидениот број трансакции.

Три години членство во НАТО, показна вежба на македонската армија и свеченост во касарната Илинден во Скопје, 27ми март, 2023 година
Три години членство во НАТО, показна вежба на македонската армија и свеченост во касарната Илинден во Скопје, 27ми март, 2023 година

Нема враќање на задолжителниот воен рок

„Имало огромни тужби поради неисплатени обврски кон вработените, околу 6 милиони евра. Тоа го надминуваме“, рече Мисајловски.

Воедно министерот рече дека не се планира враќање на задолжителниот воен рок во армијата, но најави и прием на 300 нови професионални војници догодина.

„Со тој начин зголемуваме припадници во армијата и ја зголемуваме борбената готовност“, рече Мисајловски, при што најави прилив и до 60 граѓани со цивилни факултети, како и завршување на постапката за прием на дипломци и дополнителни вработувања.

Засега нема нови пакети помош за Украина

Мој приоритет ќе биде целосна модернизација на македонската армија
Владо Мисајловски, министер за одбрана

Во однос на помошта за Украина, рече дека е во фаза на завршување на постапката за пакет воена помош, веќе одобрен на затворена седница на Владата.

„За нови пакети во овој момент не се разговара, но ќе ги разгледаме сите опции. Доколку некаде можеме да помогнеме, ќе помагаме. Мој приоритет ќе биде целосна модернизација на нашата, македонска армија“, рече Мисајловски.

На брифингот стана збор и за набавката на осумте армиски хеликоптери од италијанскиот произведувач „Ломбарди“, која чини околу 250 милиони евра. Притоа Мисајловски рече дека се соочуваат со правни проблеми.

Брифинг за набавката на осум нови повеќенаменски хеликоптери од Италија за македонската армија, (14, март, 2024)
Брифинг за набавката на осум нови повеќенаменски хеликоптери од Италија за македонската армија, (14, март, 2024)

Техничкиот аранжман за набавката на хеликоптерите не е заверен во МО?

„За жал, техничкиот аранжман што е потпишан меѓу министрите не е заверен во министерството. Тоа е проблем за кој мораме да најдеме начин правно да го затвориме“, рече Мисајловски и додаде дека се изведуваат детални внатрешни проверки за целиот договор.

Сепак, поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, во изјава за Гласот на Америка, рече дека сè било изведено според процедурите.

„Верувам дека тимот и комисијата за набавки, која е независна од министерот, постапила согласно законските прописи и процедури и дека апсолутно, договорот што е склучен и сите останати документи се правно валидни и се обврзувачки“, рече Петровска.

Петровска додава: „Не го гледам тоа како проблем, доколку такво нешто е констатирано. Тоа е макотрпен процес, три години спроведуван од експерти во министерството и армијата“.

За набавката на хеликоптерите, како што рече Мисајловски, веќе бил уплатен аванс од 39 милиони евра, а следи уплатата и на уште 35 милиони евра.

Во јануари идната година треба да се одржи средба со италијанскиот производител, а првиот хеликоптер треба да пристигне кон крајот на 2026 година.

XS
SM
MD
LG