Линкови за пристапност

Протести во Минеаполис по вчерашното убиство


20-годишниот Афроамериканец кој беше застрелан во неделата е идентификуван како Даунт Рајт

Полицијата во предградието на Бруклин во Минеаполис употреби солзавец за да растера околу 200 демонстранти кои излегоа денес на улиците во претпладневните часови, откако 20-годишен Афроамериканец беше застрелан во неделата. Човекот подоцна беше идентификуван како Даунт Рајт.

Во соопштението на полицијата се вели дека полицајците го запреле возачот нешто пред 14 часот во неделата. Откако било утврдено дека за возачот имало изречена потерница, полицијата се обидела да го уапси. Возачот влегол во автомобилот и почнал да бега. Полицијата започнала да пука кон возилото, погодувајќи го возачот, стои во полицискиот извештај. Автомобилот се движел неколку блока пред да удри во друго возило.

Полицијата не го идентификуваше веднаш Рајт и не ја обелодени неговата раса, но членовите на семејството и некои демонстранти кои се собраа во близина на местото на настанот кратко време по пукањето вееја знамиња и знаци на кои пишуваше „Црните животи се важни“.

Од својот профил на Твитер, гувернерот на Минесота, Тим Валц, рече дека внимателно ја следи ситуацијата и дека тој и неговата сопруга се молат за семејството на Даунт Рајт „додека нашата држава жали за уште еден одземен живот на еден Афроамериканец, од полициските органи.”

Во интервју за новинарите, мајката на убиениот, Кети Рајт, рече дека нејзиниот син и се јавил кога бил запрен од страна на полицијата и го слушнала неговиот разговор со нив. Таа изјави дека не сака протести, но дека сака само својот син да се врати дома.

Тензиите во Минеаполис се високи, по судењето на поранешниот полицаец Дерек Шовин кои се одржуваат таму. Шовин е обвинет за убиството на Џорџ Флојд минатата година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG