Министрите за надворешни работи на Групата седум земји ја повторија својата посветеност на силна поддршка за Украина, заедно со „интензивирање, целосна координација и спроведување на санкциите против Русија“.
На состанокот во Јапонија, министрите на Г7 подвлекоа дека „Русија мора веднаш и безусловно да ги повлече сите сили и опрема од Украина“
Јапонскиот министер за надворешни работи Хајаши Јошимаса на состанокот посветен на руската војна во Украина изјави дека е важно да се одржи единството во спроведувањето на санкциите против Русија.
По најавата на рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, министрите на Г7 го осудија потегот, потврдувајќи дека руската „неодговорна нуклеарна реторика е неприфатлива“, се вели во соопштението.
Русија некогаш беше дел од тогашниот формат Г8, но беше исфрлена откако го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година.
Се зголемуваат заканите од мини
Британското Министерство за одбрана го истакна зголемениот број цивилни жртви во Украина од нагазни мини.
Британското министерство соопшти дека проблемот е најголем во областите претходно окупирани од руски војници, вклучувајќи ги Херсон и Харков, и дека ризикот се зголемува со доаѓањето на пролетните земјоделски работи.
„Од почетокот на инвазијата, пријавени се повеќе од 750 цивилни жртви поврзани со мини – секоја осма жртва е дете. Веројатно ќе биде потребна најмалку една деценија да се исчисти Украина од мините“, соопшти Министерството во најновата дневна проценка.
Критичарот на Кремљ
Русија осуди истакнат опозициски активист на 25 години затвор под обвинение за предавство, откако ја критикуваше руската војна во Украина.
Изрекувањето на пресудата на Владимир Кара-Мурза е последното во репресијата против опозицијата во Русија што се случи откако Путин ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли повика на ослободување на Кара-Мурза, руско-британски двоен државјанин.
„Владимир Кара-Мурза храбро ја осуди руската инвазија на Украина нарекувајќи го со вистинско име – флагрантно кршење на меѓународното право и на Повелбата на ОН“, се вели во изјавата на Клеверли.
„Недостигот на посветеност на Русија за заштита на основните човекови права, вклучително и слободата на изразување, е алармантено“, додаде Клеверли.
Некои материјали во овој извештај се користени од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.