„Без уставни измени нема продолжување на ЕУ-процесите“ – министерот за европски прашања, ресор кој со новата влада прерасна во министерство, на првата прес-конференција по преземањето на функцијата го кажа она што и претходната власт постојано го зборуваше – заради пристапниот процес Бугарите треба да влезат во Уставот. Тоа, како што рече Муртезани, е клучен приоритет на „Вреди“ – коалицијата од чии редови тој доаѓа.
„Како што евроамбасадорот и останатите амбасадори на земјите од ЕУ, на неколку наврати имаат посочено дека тоа е сериозна пречка пред нас, на која треба да се зафатиме и залагаме, со цел да ја решиме што побрзо. Во предизборната кампања како коалиција ВЛЕН, сме нагласиле дека тоа е еден од клучните приоритети, исто како што е и во програмата на Владата. Без решавање на спорот со Бугарија и уставните измени, нема да може да се одблокира пристапот кон ЕУ“, рече министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Но, во владината програма во делот за уставните измени пишува дека таа „силно ќе се залага за изнаоѓање на соодветно решение во прилог на реално придвижување на процесот на европска интеграција, без притоа да се прифати диктат на трети држави“ и дека „владата ќе понуди легални и легитимни можности и предлози во согласност со меѓународното право и принципи“. Денешната изјава на Муртезани е поинаква од вчерашниот настап на премиерот Мицкоски кој зборуваше за уставни измени, но не сега, туку со одложено дејство.
„Не сме заглавени сега, повеќе од две и пол децении ние зборуваме за европска иднина, за европска перспектива и за сето тоа и секогаш има уште нешто. Треба истите тие коишто тоа го кажуваат да ни кажат дали сметаат на нас. Ама не декларативно, да покажат со дело. Ако сакаат да покажат со дела еве начин, им дадовме начин. Одложеното дејство е еден од начините. Која е причината за Бугарите да бидат дел од нашиот устав?“, прашува премиерот Христијан Мицкоски.
Освен уставни измени, Брисел од новата влада очекува да испорача и во делот на правосудството и толку бараните реформи, но не и преку распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, нешто за што се залага премиерот. Дали овие точки се ставени во драфт-верзијата на реформската агенда која владата веќе ја усвоила и ја пратила на разгледување во Европската комисија?
„Бидејќи станува збор за драфт-верзија и не сум овластен јавно да ги споделувам информациите. Да се стрпиме, не дека не знам, но не сум овластен да зборувам за тие податоци. Кога ќе добиеме официјален одговор од ЕК секако дека ќе го споделам“, рече Муртезани.
Се очекува одговорот од Комисијата да стигне до крајот на месецот по што евентуалните забелешки би биле вградени во финалната верзија на Реформската агенда.