Линкови за пристапност

Се смирува ситуацијата во Милвоки


Во градот имаше дводневни протести заради убиството на вооружено лице од афро-американско потекло од страна на црн полицаец.

Властите во Милвоки, сојузната држава Висконсин изразија внимателен оптимизам откако има намалени тензии по дводневните протести во градот, заради убиството на вооружено лице од афро-американско потекло од страна на црн полицаец.

„Имавме остри препирки со одредени поединци. Уапсивме шестмина, што имаше одредено влијание, но на крајот мораше лица од заедницата да ги преземат работите во свои раце, за да ги намалат тензиите меѓу насобраните“, изјави Едвард Флин, началник на полицијата на Милвоки.

Властите воведоа полициски час, и до 22 часот тинејџерите требаше да ги испразнат улиците.

Демонстрациите започнаа во саботата по убиството на 23-годишниот Силвил Смит.

Флин изјави дека откако излегол од возилото, Смит почнал да бега, а бил запрен поради, како што рекоа властите, сомнително однесување. Началникот на полицијата додаде дека откако истрчал неколку метри, Смит вперил огнено оружје кон 24-годишниот полицаец, кој потоа го употребил својот пиштол.

Градоначалникот на Милвоки, Том Барет кажа дека за време на инцидентот, полицаецот имал вградена камера на панцирот и дека видео-материјалот дополнително ќе биде објавен.

Во Милвоки протести имаше и во 2014-та година, откако полицаец усмртил невооружено лице, исто така од афро-американско потекло кое било со нарушено ментално здравје. Одделот за правда започна официјална евалуација на активностите на полицијата во овој град.

XS
SM
MD
LG