Глас на Америка: Господине Милошоски, учествувате на Парламентарниот трансатлантски форум овде во Вашингтон. Кои се прогнозите за Европа и за трансатлантската заедница?
Антонио Милошоски: Главната тема е Украина и руската агресија. Прогнозите по однос на безбедносната состојба и оваа војна, искрено, од соговорниците се дека ова ќе продолжи. И во текот на оваа, веројатно и во текот на следната година и дека безбедноста на Европа сама за себе не е гарантирана и затоа е многу битно таа трансатлантска соработка да продолжи, да се зацврстува, за да може безбедносниот систем и во Европа да биде функционален.
Глас на Америка: Партиите го утврдија датумот за изборите. Со кој кандидат ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на претседателските избори?
Антонио Милошоски: Прво сакам да кажам дека добро е што власта после неколкумесечни натегања прифати да има заеднички избори, претседателски и парламентарни (24 април и 8-ми мај). ВМРО-ДПМНЕ во моментов е во фаза на сондажа на шест-седум заинтересирани кандидати кои што имаат солидно, добро портфолио и од надворешната политика и од политичкиот систем и уставното право во Република Македонија, и сметам дека некаде почетокот на февруари би требало да имаме конвенција за да утврдиме конечно кандидат. Сигурен сум дека ќе имаме не само кандидат туку и претседател на Република Македонија после изборите.
Глас на Америка: Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе има предизборно коалицирање со албанската опозиција?
Антонио Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ пред изборите, нашата парола е дека ќе коалицираме со граѓанинот. Го повикуваме секој граѓанин кој што во моментов смета дека државата не се движи во добра насока и смета дека
Нашата парола е дека ќе коалицираме со граѓанинот.
ДУИ и СДСМ се разочарување и неуспех, наместо она што ветуваа пред четири или осум години, да се вклучи кон ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, формално-правно ќе настапиме како коалиција ВМРО-ДПМНЕ заедно со оние партии кои што беа дел од коалицијата „Обнова за Македонија“.
Глас на Америка: Во случај да треба да се коалицира, дали би коалицирале пост-изборно со ДУИ?
Антонио Милошоски: Нашата политичка цел е да донесеме решенија на проблемите кои што ја товарат Македонија и ја мачат Македонија во овој период, а во овој период гледаме дека ДУИ е еден од големите извори на проблеми и на корупција во Македонија и затоа ВМРО-ДПМНЕ има политичка цел да освои што е можно повеќе пратеници да не зависи од ДУИ, да може да формира влада без ДУИ.
Глас на Америка: Уставните измени сѐ уште се на агендата за започнување на преговорите со ЕУ. Што нудите вие како партија за државата да започне преговори со ЕУ?
Антонио Милошоски: Прво, сметам дека Македонија треба да понуди реформи во реалниот сектор, во реалниот живот, во здравството, во правосудството, во образованието, во подобра економија, пониска инфлација, пофункционален систем и администрација, и по тоа Македонија многу ќе биде вреднувана, а доколку има успех. Второ, по однос на она, би рекол, уцена или барање од страна на Бугарија, ние сметаме дека би било наивно да се смени Уставот само за да се отпочнат преговори за членство без Македонија да е сигурна дека тоа ќе резултира еден ден со членство и дека нема да има уште пет или десет нови блокади и уцени. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нуди едно европско решение како што направија Словенија и Хрватска. Условот или барањето од земја-членка на ЕУ, да се поврзе со моментот на влегување на Македонија во полноправно членство. Доколку Европа е расположена и Бугарија, тоа можеме да го разгледаме.
Глас на Америка: Како го коментирате овогодинешниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија?
Антонио Милошоски: Сметам дека овој извештај е нај неуспешен досега и по средна оценка 1,52, но и по самите добиени нули односно немање на напредок на девет поглавја од кои што три се прилично клучни и се однесуваат на судството, владеењето на правото и другите институции од овој сектор. Затоа сметам дека ова е еден аларм и ова е само еден показател зошто сегашната власт на ДУИ и СДСМ би требало да биде сменета, за да може Македонија следниот извештај да го има со многу подобри оценки.
Глас на Америка: На крај на разговорот, како го оценувате односот помеѓу Соединетите Држави и Северна Македонија?
Антонио Милошоски: Уште во 2008 година потпишавме стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, без разлика на тоа кои влади како се менуваат, дали во Америка или во Македонија, сметам дека тој однос задржува едно прилично високо ниво. Има една новина сега во тој однос, а тоа е што Америка почна во изминатиов период да објавува и имиња на црна листа поврзани со корупција, а се функционери или политичари во Македонија. Сметам дека тоа треба да се земе сериозно во предвид. Гледаме дека власта не го третира тој проблем сериозно. Владата на ВМРО-ДПМНЕ на ова ќе му посвети поголемо внимание.
Facebook Forum