Линкови за пристапност

Армијата во САД има проблем да регрутира војници поради прекумерна тежина


Според Одделот за одбрана, најголемата армиска гранка останала без 6.500 регрути или осум проценти под таргетот од 76.500 војници

Извештај на Одделот за одбрана од 2016-та година, открива дека речиси три четвртини од младите Американци не се во форма да служат во Армијата, иако претседателот на САД Доналд Трамп, за време на прославата на Денот на независноста, ги охрабри младите да и` се приклучат на војската.

„Сега е шанса да се приклучите на Армијата и треба да го направите тоа“, рече Трамп пред споменикот Линколн.

Трамп рече дека очекува оти неговото охрабрување ќе ја зголеми армиската регрутација.

„Ќе имаме многу луѓе кои ќе станат дел од војската“, изјави Трамп.

Сепак, повикот на претседателот можеби нема да биде доволен за да се спречи опаѓањето на бројот на армиски регрути.

Речиси 25 отсто од младите кои завршуваат средно образование не можат да ги поминат основните тестови за прием во Армијата, што не само што ги дисквалификува од технички позиции во Армијата, туку и генерално од воената служба

Според Одделот за одбрана, маринците и припадниците на противвоздушната одбрана ги исполниле потребните стандарди во 2018-та година, додека најголемата армиска гранка останала без 6.500 регрути или осум проценти под таргетот од 76.500 војници.

Извештај од 2018-та година на група од 750 пензионирани воени професионалци, кои ги прават препораките за зголемување на процентот на млади Американци во Армијата, открива дека 71 процент од Американците на возраст меѓу 17 и 24 години, не успеале да ги исполнат основните услови за регрутација.

Најголемиот проблем е прекумерната тежина, поради која биле дисквалификувани околу 31 отсто од кандидатите.

Од тие причини, во тек се напори за воведување програми кои ќе го подобрат здравјето на американската младина.

Тие се очекуваат да ја подобрат подготвеноста за во војска, но, и за животниот стил во целина.

Извештајот забележува дека опаѓа и бројот на млади лица кои се заинтересирани за воена кариера, делумно како резултат на силната економија, што ги прави воените позиции помалку атрактивни.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG