Официјални лица во Пакистан во понеделникот соопштија дека бунтовниците нападнале воен конвој во југозападен регион и убиле двајца припадници на безбедносните сили, вклучително и еден армиски мајор.
Смртоносниот напад во текот на ноќта се случи во Балор во турбулентната провинција Балучистан.
Медиумското крило на армијата соопшти дека војниците биле во мисија за антитерористичка потрага во областа и се обидувале да ги блокираат „патеките за бегство“ кога група „терористи“ ги нападнала од заседа.
Во „тешката размена на оган“ што следеше загинаа двајца армиски офицери, а уште еден беше повреден, се додава.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за смртоносната заседа во неделата во Белучистан, каде што неколку етнички балучи бунтовнички групи и забранетиот Техрик-и-талибан Пакистан, рутински ги таргетираат безбедносните сили.
Нападот во неделата се случи само неколку часа откако тешко вооружени милитанти во друг дел на провинцијата нападнаа безбедносна станица со ракетни гранати и автомати, при што загинаа тројца полицајци и еден војник.
Покраинските власти соопштија дека полицијата и паравоените сили заеднички управуваат со постот во областа Ширани.
Премиерот Шехбаз Шариф, во изјавата од понеделникот, рече дека „целата нација, вклучително и тој самиот, е тажна поради мачеништвото на шестмина припадници на безбедносните сили“ во нападите во Белучистан во неделата.
Нападите на милитантите, вклучително и самоубиствените бомбашки напади, драматично се зголемија во Пакистан во 2023 година. Во насилството, наводно, загинале околу 390 луѓе, вклучително и безбедносните сили, а повредени се повеќе од 650 други во текот на првите шест месеци од тековната година.
Пакистанскиот институт за конфликти и безбедносни студии со седиште во Исламабад ги документирал жртвите во извештајот што локалните медиуми го објавија во понеделникот. Се наведува дека повеќето од смртните случаи, 266, се случиле во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва.
Во извештајот е забележано речиси 80% зголемување на милитантните напади на национално ниво во споредба со истиот период минатата година. Се додава дека Пакистан бил сведок на 13 самоубиствени напади оваа година, што резултирало со 142 смртни случаи, истакнувајќи дека само пет самоубиствени бомбашки напади се случиле во првите шест месеци од 2022 година, предизвикувајќи околу 80 жртви.
Пакистанската војска минатата недела соопшти дека „убила или заробила речиси 1.200 терористи“ во илјадници национални антитерористички операции. Сепак, тврдењата не можеа да се утврдат независно.
Портпаролот на армијата, генерал-мајор Ахмед Шариф Чаудри ги сподели деталите на прес-конференција, велејќи дека за време на овие операции биле убиени и 95 воени офицери и војници.