Линкови за пристапност

Милиони луѓе во Северна Америка ќе го гледаат целосното затемнување на Сонцето


Милиони луѓе долж тесниот коридор од Мексико до Америка и Канада ќе имаат можност да видат целосно затемнување на Сонцето во понеделник, иако синоптичарите предупредуваат на облачно време во некои области.

Најдобри временски услови се прогнозирани во Вермонт и Мејн во Америка и Њу Бранзвик и Њуфаундленд во Канада.

Затемнувањето на Сонцето се очекува да го видат најголем број луѓе досега во Северна Америка, поради неговата густо населена патека и фактот дека Тексас и другите места ќе бидат целосно темни повеќе од четири минути во средината на денот. Речиси сите во Северна Америка ќе можат да видат барем делумно затемнување, во зависност од временските услови.

„Облаците се една од најкомплицираните работи за прогноза. Барем нема да врне снег“, изјави во неделата метеорологот на Националната метеоролошка служба Алекса Мејнс.

Дожд или сонце, „ова има врска со споделување на искуството со други луѓе“, рече Крис Ломас од Англија, кој дојде во Далас, Тексас, да го гледа затемнувањето.

За време на целосното затемнување, Месечината полека ќе го покрива Сонцето додека целосно не го блокира. Самрак ќе биде доволно долг за да се видат планетите, ѕвездите, а можеби дури и некоја комета.

Темнината во текот на денот ќе трае до 4 минути и 28 секунди. Тоа е речиси двојно подолго отколку за време на затемнувањето во САД пред седум години, бидејќи Месечината е поблиску до Земјата. Ќе поминат уште 21 година пред ново целосно затемнување на ова ниво.

Затемнувањето започнува во Пацификот, а потоа се движи низ Мазатлан, Мексико во Тексас, Оклахома, Арканзас и 12 други држави на Средниот Запад, Средниот Атлантик и Нова Англија, и на крајот во Канада. Последната станица е Њуфаундленд.

Месечевата сенка ќе помине 6.500 километри низ континентот за само еден час и 40 минути.

За време на затемнувањето, освен кога е целосно, потребни се специјални очила и филтри за да се погледне Сонцето.

По должината на патеката на целосното затемнување - што е широка околу 185 километри - овојпат се неколку големи градови, вклучувајќи ги Далас, Индијанаполис, Кливленд, Бафало, Њујорк и Монтреал. Во границите на таа патека живеат околу 44 милиони луѓе, а уште неколку стотици милиони на површина од 320 километри од неа.

И кога ќе ги вклучите посетителите, астронаутите аматери и научниците, не е ни чудо што хотелите се полни, летовите се распродадени, а сообраќајот е во застој на патиштата.

По должината на патеката се експерти од НАСА и бројни универзитети, кои ќе вршат експерименти и ќе испуштаат метеоролошки балони. Затемнувањето ќе го следат и седум астронаути на Меѓународната вселенска станица.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG