Линкови за пристапност

250 милиони евра од унгарскиот кредит за бизнисот поминаа во Владата


Иако беше најавено дека средствата ќе се искористат за погони, фабрики и производство Владата го прошири опфатот на компании кои може да аплицираат и сега парите може да се користат и за изграба на трговски центри и фотоволтаици. Од Владата уверуваат дека нема да има тргување со влијание.

СКОПЈЕ – По неколку месеци чекање 250 милиони евра од унагрскиот кредит се достапни за бизнис секторот откако на денешната седница на Влада ги одбори договорите за средства за фирмите. Следниот чекор е кај Развојната банка која ќе ги потпише договорите со останатите банки и да може да почне пласманот на средствата кај компаниите кои ќе аплицираат. Во процесот на распределба на средствата за бизнисот ќе учествуваат 13 банки.

Максималниот износ кој може да го добие една компанија е 10 милиони евра а условите се веќе утврдени, каматна стапка од 1,95 проценти и рок на отплата од 15 години со три години грејс период.

Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, трошоците за компаниите ќе бидат нула денари, постапката ќе биде транспарентна со исти критериуми за сите компании а ризикот за одобрување на средствата останува кај банките кои сами ќе пресечат кои проекти ќе ги финансираат.

„Трошоците за одобрување се нула денари. Со денешните одлуки од страна на Владата влегуваме во последната фаза од операционализација на средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите. Акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите на Народната банка, ќе видите дека генерално пласманите што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ и затоа ние на крајот се одлучивме да се отвориме кон сите компании во насока на тоа секој да има пристап. Секако производните капацитети ќе имаат приоритет и по информациите што ги имам со едни од најголемите банки во државата, тие веќе имаат постоечки и одобрени пласмани за кои само чекаат потпишување на соодветната документација“, рече Димитриеска-Кочоска.

Иако првично парите беа наменети за отворање на нови погони, изградба на нови објекти, машини за производство и техничка опрема, Владата неколку пати ја прошируваше и дополнуваше листата па сега со парите од унгарскиот заем ќе може да се градат и трговски центри, фотоволтаични централи и погони за производство на струја од обновливи извори.

Премиерот Мицкоски тврди дека нема да има трговија со интереси со оглед на фактот дека многу поранешни па и сегашни функционери се блиски или поседуваат компании кои се бават токму со овој тип на бизнис – обновливи извори.

„ Претпоставувам зборувате за минатото кога на владини седници добиваа концесии за нивни блиски роднини, премиери потпишуваа концесии за добивање енергетски согласности за објекти кои произведуваа електрична енергија од обновливи извори. Претпоставувам зборувате за онаа кампања на сега опозициската СДСМ за „хидро Мицко“ која заврши со судска пресуда во која СДСМ беше обвинета за клевета и пласирање во јавност невистинити информации за што е треба да се извини. Верувајте во оваа Влада додека јас ја водам тргување на влијание нема да има и бидете спокојни“, рече Мицкоски.

Средства од унгарскиот кредит нема да бидат достапни за компании кои се бават со обложување, казината како и компании кои произведуваат алкохол, со исклучок на оние кои се бават со производство на пиво и вино.

XS
SM
MD
LG