Линкови за пристапност

Милан Кораќ и Илир Мехмеди се предлог на Влада за директори во М-НАВ


Владата му препорача на Надзорниот одбор на М-НАВ да ги отповика од должноста членовите на Управниот одбор и директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. Синдикатот го става најавениот штрајк во мирување. Финансиската полиција како што најави влезе во М-НАВ за да ги испита наводите на Синдикатот

СКОПЈЕ – Двајца од тројцата директори во „М-НАВ“ ќе бидат разрешени од функциите. Владата најави а на денешната седница и донесе одлука да му препорача на надзорниот одбор во „М-НАВ“ да ги разреши од функциите Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. На нивно место Надзорниот одбор треба да ги постави Милан Кораќ инженер техничар во „М-НАВ“ и Илир Мехмеди

Од Синдикатот на Контролори за летање соопштија дека штрајк утре нема да има бидејќи Владата ги испочитува нивните барања. Од Синдикатот беа децидни дека доколку нема разрешувања од утре почнува штрајк со што ќе бидат оневозможени полетувања и слетувања од двата аеродроми во државата и ќе бидат дозволени само прелети.

„Штрајкот го ставаме во мирување додека надзорниот одбор не ја спроведе препораката на Владата и не ги именува новите членови “, изјави Александар Тасевски, претседател на Синдикатот

Од ВМРО – ДПМНЕ бараа одговорност и сметаат дека разрешувањата на директорите не е доволно.

„Законот е јасен и прецизен. Ова не е „кошкање меѓу колеги“ ова е „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ квалификација којашто постои во Законот. Бараме лажниот европски фронт да ги тргне рацете од правосудството. Случајот мора да има вистинска завршница. Ако не сега, тогаш ќе ја има по изборите“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на партијата.

Финансиската полиција, како што најави, денеска влезе во административната зграда на „М-НАВ“ во центарот на Скопје за да ја проверува документацијата за финансиското работење, јавни набавки и како што потенцираа оттаму процесите на вработување во државната компанија. Ќе се испитува и финансиското работење на Синдикатот.

„Вршиме контрола и проверки. Сега е рано да кажам дали нешто е откриено. Мора да ја обезбедиме потребната документација“, кажа Горан Иванов, директор на Финансиската полиција.

Претставниците на Синдикатот на Контролори на летање денеска беа на средба со претседателот Стево Пендаровски, кој ја поддржа заложбата на Синдикатот за задржување на професионалноста и безбедноста на Контролата на летање.

„На средбата претседателот Пендаровски ги поддржа заложбите на синдикатот за одржување на професионалното ниво во функционирањето на М-НАВ АД – Скопје, која што е дел од критичната инфраструктура во државата. Во оваа насока, претседателот Пендаровски уште еднаш го осуди насилничкото однесување во М-НАВ од страна на вработени во таа институција и други лица кои неовластено влегле во нивните простории и повика на расчистување на случувањата во најкус можен рок, имајќи предвид дека станува збор за потенцијално загрозување на безбедноста во меѓународниот авионски сообраќај“, стои во соопштението на Кабинетот на претседателот.

Кога станува збор за инцидентот во „М-НАВ“ и сериозниот безбедносен инцидент и пропуст кој ја згрози јавноста продолжува полемиката меѓу Обвинителството и Кривичниот суд кој одлучи да не им одреди притвор на осомничените.

За упадот во „М-НАВ“ се осомничени осум лица а првоосомничен е Беким Незири, советник на директорот на „М-НАВ“ и претседател на огранок на ДУИ во Чаир кој ги водел напаѓачите кои службеното обезбедување ги пуштило да влезат во зградата на Контролата за летање на скопскиот меѓународен аеродром.
Обвинителството ги товареше за кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ член 303 став 2 за кој се предвидува минимална затворска казна од пет години и бараше притвор за четворицата осомничени кои се обезбедени но судија на претходна постапка одлучи да им одреди поблага мерка за претпазливост.

XS
SM
MD
LG