Линкови за пристапност

Мила Царовска: Лажни вести се шират со Законот за учебници


Министерската за образование Мила Царовска во интервју за Гласот на Америка рече дека дигитализацијата е процес кој не го бираме ние, туку тоа е глобален процес. Училиштата во текот на целиот летен период ќе се снабдуваат со опрема

Глас на Америка: Зошто толку многу реакции во јавноста околу новиот предлог закон за учебници?

Мила Царовска: „Она што е значајно е дека секое поместување во општествата буди реакции и тоа е во ред. Затоа што ги правите транспарентно процесите, секој би требало да си каже свое мислење. Главно луѓето имаат отпор кон промени. Но, од друга страна, доста лажни вести по однос на ова прашање се шират. Но, нашиот систем има бавни механизми за справување со ваквиот тип лажни вести. Но, затоа и во новиот концепт за основно образование, предвидуваме медиумска писменост, истражување од повеќе извори, информации, за да ги научиме идните генерации како полесно да се справуваат со ваквите предизвици на лажни вести. Значајно е дека ние ги слушаме сите и сите треба да кажат што мислат. Во главно, нашиот концепт и законот е современ. Нуди можност за повеќе филтри, што значи дека поквалитетни материјали за учење треба да излегуваат после ова законско решение. Дополнително се дава можност за демонополизација. Досега имаше монополски договори, кои дозволуваа само едни компании да ги печатат учебниците. Сега имаме избор од три учебници, за да може наставникот согласно својата автономија, да избере кој е најсоодветен за неговата група ученици. На тој начин, едноставно постигнуваме нов квалитет во наставните материјали. Дигитализацијата е процес кој не го бираме ние. Тоа е глобален процес и едноставно ние треба да им обезбедиме можност на сите ученици да имаат пристап до дигитални учебници, материјали и дигитални уреди, за да понатаму тие полесно фатат чекор со светот и бидат конкурентни на пазарот на труд. Последните мерења на индексот на човечки капитал на Светска банка, вели дека само 56 отсто од населението кое денес е во образование, ќе биде продуктивно. Тоа укажува дека половина од капацитетот го губиме, а не смееме да си го дозволиме тоа. Затоа сметам дека интензивно вложуваме во образованието, правиме храбри исчекори се со цел да имаме придвижување во оваа област“.

Глас на Америка: Кога рековте пристап до дигиталните алатки, како тоа ќе го направите, ако се знае дека многу ученици кои се од социјално загрозени семејства, немаат пристап до компјутер. Многу училишта особено во руралните средини немаат добар интернет?

Мила Царовска: „Оваа година покажавме дека пристап до интернет имаат училиштата, дека можат брзо да се снабдат со дигитални уреди. Ако не се наметне потребата од постоење на дигитални материјали и дигитални учебници, тогаш веројатно училиштата и со години сметале дека не е потребно да се случува дигитализација на образовниот процес. Сега создаваме материјали, а се обезбедуваат и ресурси на оние на кои им е најпотребно. Училиштата и во текот на целиот летен период ќе си се снабдуваат со опрема. Станува збор само за четврто и прво одделение. Не за сите одделенија наеднаш, за да видиме кои ќе бидат ефектите, дали таа мултимедијална содржина која ќе биде поставена во учебниците, ќе биде поинтересна за учениците, колку ќе предизвика дискусија потоа. Но, учебникот не е за час. Тоа што нашите наставници со години не предаваат наставна програма и не очекуваат да постигнат резултати од учењето, туку предаваат учебник што е погрешно, денес сакаме да го промениме како курс. Велиме на часот имаме интеракција, работа и истражување, а учебникот служи за дома. Овие учебници нема да бидат поставени на интернет, ќе ги има и на интернет, но во главно ќе бидат поставени на уреди, на кои што ќе може учениците да се служат. Да видиме што ќе се случи со новите модели на учење во прво и четврто одделение. Да покажеме резултати. Секогаш може да се адаптира кон подобро, за да може да ги пресретне потребите. Досега системот не се грижел за учениците, затоа тие се на дното во меѓународните тестирања“.

Глас на Америка: Ќе ја истуркате ли идејата, со оглед на реакцијата од родителите, најавата за референдум, протести, бојкот?

Мила Царовска: „Сето тоа е демократско право и сметам дека тие можат да го кажат на различни начини. Можат на конструктивен и на неконструктивен начин. Изборот е секако на групите кои го прават тоа. Јас би им кажала на сите родители кои мислат добро на нивните деца и наставници кои им мислат добро на нивните ученици, да дадат поддршка на целиот овој процес, затоа што она за што се грижиме се учениците и нивниот развој. Наставните програми за прво и четврто одделение веќе се донесени, авторите за прво одделение веќе се избрани. Во тек е постапка за конкурсот за четврто одделение. Исто така тече конкурсот и за дигитализација на учебниците за четврто одделение. И, тоа ќе се спроведува со интензивна меѓународна поддршка, на УСАИД, Светска банка, УНИЦЕФ и Отворено општество“.

Глас на Америка: Имате ли бројка колку дигитални уреди се потребни за деца кои се од социјално ранливи категории?

Мила Царовска: „Ова како податок се прибира од училиштата. Сметаме дека согласно процентот на сиромаштија во нашата држава, 20-30 отсто од вкупниот број ученици во таа група. Но, секако ќе се набават и поголем број, за да може да се опслужуваат во тие училишни библиотеки, кои што понатаму треба да бидат дигитални, за да може учениците да имаат пристап, доколку нивното семејство не може да го набави истото, да може да им го дадат од училиштето на реверс, на користење и секоја година да може да се дополнува со различни материјали. Дополнително, Бирото за развој на образованието, работи на други дигитални материјали, кои ќе бидат поставени, за да може да служат како изборни материјали кои што учениците ќе може да ги имаат пред себе. Да не заборавиме, има и други ресурси кои што се добри, како наука за деца, отворени образовни ресурси, кои на учениците треба да им дадат една друга слика за образованието и за појавите кои се случуваат“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG