Врвот на Владата бара одговорност за случајот со екс-шефот на УБК Сашо Мијалков. Премиерот Зоран Заев вели дека е разочаран од неговото бегство, и бара институциите веднаш да преземат мерки за тој да биде пронајден.
Заев негира дека во позадина на исчезнувањето на некогаш еден од најмоќните луѓе во земјава, сега противник на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, стои договор.
„Апсолутно нема политички договор. Среќен сум што извршната власт обезбеди услови во време, по режим и грабеж на државата, да се организира јавен процес кој финишира и очекувам тој да финишира неделава. Уште еднаш потенцирам, очекувам, а и нашиот народ, брзо негово лоцирање, пронаоѓање и спроведување на судското решение. Второ, јавноста чека детали што се случило, каде бил, кога последен пат е виден и согласно тоа најавувам одговорност дали МВР, дали АНБ, дали БЈБ, дали премиер, или било кој, ако има погрешено“, рече Заев.
За ВМРО-ДПМНЕ, бегството на Мијалков е врв на како, што го нарекува, „криминалната коалиција обелоденета во октомври 2018-та“ кога Сашо Мијалков беше исклучен од оваа партија.
Од тогаш, датира нетрпеливоста меѓу Мијалков, некогашната „сива еминенција“ во ВМРО-ДПМНЕ, и партиското раководство предводено од Христијан Мицкоски, која требаше да кулминира со вонреден конгрес во март за смена на актуелниот лидер.
„Оливер Спасовски молчи, Радмила Шекеринска ја нема никаде, а Зоран Заев жали и ја префрла вината. Имаат 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата. 24 часа, Зоран Заев, Оливер Спасовски и останатите од Владата да го обезбедат бегалецот од правдата. За тоа што се` што зборувавме изминатите години, а и што го зборуваме денес се потврдува, а тоа е дека со Македонија владее криминална коалиција“, изјави Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
И шефот на државата бара институциите да ја завршат работата, и Мијалков да биде спроведен во притвор.
„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција“, се вели во соопштението од Кабинетот на Стево Пендаровски.
Facebook Forum