„Мојата визија за Македонија е да стане економски силна и глобално препознатлива земја. Би сакала да видам развој на креативните индустрии, уште поквалитетно образование, уште повеќе истражувања, со силна меѓународна позиција за нашата земја, модерна инфраструктура, која го подобрува животот на граѓаните“.
Михаела Ѓорчева, млада и успешна претприемачка од Свети Николе верува дека преку вистинска стратегија Северна Македонија може да биде влијателна држава и горда на своите достигнувања:
„Претприемништвото секогаш е поврзано со ризик и не мораш да чекаш некој да ти обезбеди идеални услови и можности, бидејќи тоа никогаш нема да се случи. Се радувам затоа што гледам сега многу млади луѓе, кои имаат одлични иницијативи, што навистина покажува дека имаме енергија овде, дека имаме волја за промени, имаме идеи“, вели Ѓорчева.
Се радувам затоа што гледам сега многу млади луѓе, кои имаат одлични иницијативи, што навистина покажува дека имаме енергија овде, дека имаме волја за промени, имаме идеиМихаела Ѓорчева
Но за тоа треба да се работи на подобрување на условите за финансирање, привлекување на инвеститори и создавање на поефикасни логистички решенија кои ќе овозможат подобар пристап до странските пазари, што не е лесен процес.
„И ова е сериозна пречка за оние кои сакаат да произведуваат локално, а да продаваат глобално. Го гледам овој проблем од лично искуство, затоа што сега во моментот правам нов бренд за женски одела, кој ќе биде лансиран оваа година и сакам производството да биде тука во Македонија. Но кога станува збор за продажба во земји како што се САД и Арапските Емирати, испораката претставува голем предизвик. Трошоците за логистика се високи, и процесите за извоз не се баш едноставни. И тоа прави тешкотии, доколку сакаме да го пласираме нашиот производ на глобалниот пазар“, објаснува Ѓорчева.
Михаела неодамна беше дел од светскиот економски форум во Давос, каде со свои излагања учествувала на неколку сесии. Од Давос донела искуство што сака да го пренесе на останатите млади луѓе.
„Јас сум среќна што имаме добри односи со најголемата трговска асоцијација во Индија, тоа е Конфедерацијата на индиската индустрија, која има 9.000 компании директни членки и 300.000 индиректни членки, што е огромна платформа за можности и соработка. Јас имав чест да бидам говорник на нивниот панел, каде зборував за важноста на образованието на жените, особено на жените претприемачи. Зборував на уште еден панел, на тема поврзана со инвестирање во бизниси, кои се основани од жени. Давос навистина ми даде можност да разменам идеи, да стекнам нови контакти“, вели Ѓорчева.
За иселувањето од државата решението го гледа во искористување на сопствените капацитети и знаења внатре во татковината:
„Ние често зборуваме за тоа како нема можности, но дали реално во себе вложуваме доволно за да создадеме такви можности. Наместо да се прашуваме каде да одам за да најдам подобар живот, можеби треба да размислуваме во насока, што треба да научам за да создадам за себе подобар живот. Тоа не може некој да ни го подари. Образованието реално не завршува со дипломата“, посочува Ѓорчева.
За тоа вели дека е потребно приспособување на глобалните трендови, преку развивање нови вештини и технологии.
„Во денешната дигитална ера, особено со вештачката интелигенција во последните години, можеш да работиш било што и да го правиш тоа од било каде. Тоа значи дека не мора да се иселиш од Македонија за да успееш. Можеш да останеш во Македонија, да градиш кариера и да придонесуваш за заедницата, користејќи ги можностите кои ги нуди технологијата“, истакнува Ѓорчева.
Михаела, работи во повеќе индустрии - образование, култура и туризам. Таа е првата жена во Северна Македонија, основачка на кино. Во 2022 година, беше една од триесетте најуспешни претприемачи и активисти под 30 години, во категоријата Entertainment, на европската листа на американското списание FORBES. Учествува на настани ширум светот, чија цел е поврзување други претпреиемачки и жени лидери.