На граничниот премин меѓу Македонија и Грција, и во петок во Македонија влегувале само бегалците од Сирија, Авганистан и Ирак, додека на останатите лица, меѓу кои има и државјани на Иран, Бангладеш, Непал и Пакистан, (кои по воведувањето на селекцијата се третираат како економски мигранти, како и државјаните на Мароко, Шри Ланка, Либерија, Алжир, Конго, Судан..,) не им се дозволувал влез и тие биле задржувани на котата 59.
По блокадата на границата од вознемирените државјани на Иран, на кои не им бил дозволен влез во Македонија, според известувачите, во петок состојбата била стабилна, но на грчката страна од границата имало околу две илјади лица кои и понатаму чекале на промена на одлуката и дозвола за транзит.
И иако претставникот на УНХЦР Мохамед Ариф на семинарот „Актуелните миграциски текови и одговорот од бегалската криза“, рекол дека ангажманот на НВО-секторот и на граѓаните на Македонија е за почит во однос на помошта за бегалците, потенцирајќи дека "македонските граѓани ги отворија своите врати, своите срца и своите џебови за овие луѓе од првиот ден“, медиумите ја најавија итната посета на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој при обиколката на главната балканска рута на бегалците, покрај Србија и Албанија, викендов ќе ја посети и Македонија.
Туск во недела, за време на првата посета во Скопје, ќе се сретне со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, кој претходно изјави дека во Македонија нема да се градат бегалски кампови и дека нејзините капацитети се привремено згрижување на до две илјади бегалци, како и со премиерот Никола Груевски, со кои неофицијално ќе разговара и за бегалската криза. Според МИА, пак, наводно, постојат и планови, по должината на балканската бегалска рута, привремено да се прифатат 50.000 бегалци.
Иако на границата во петок било мирно, најавата за влошување на временските услови, пад на температурата и врнежи, уште повеќе ќе ја усложнат ситуацијата веќе викендов, особено ако дојде до враќање на селектираните лица како економски мигранти од север од српско-македонската граница.