Белата куќа изјави дека испраќањето недокументирани имигранти во безбедни градови низ САД останува можност, иако владините агенции велат дека тоа нема да биде практично решение оти нема издвоено пари за тоа.
„Секако размислуваме за сите опции додека демократите одбиваат да ја адресираат кризата на границата“, изјави за телевизијата „Фокс њуз“ портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Претседателот Доналд Трамп на Твитер напиша дека „демократите мора да ги променат имиграционите закони брзо. Во спротивно, градовите кои ги штитат имигрантите мора веднаш да реагираат. Променете ги законите веднаш“.
Стотици градови, вклучувајќи ја и сојузната држава Калифорнија, се прогласија себе си за рај за мигранти, кои нелегално ја поминале јужната граница со Мексико.
Пограничните служби минатиот месец приведоа повеќе од 100.000 недокументирани мигранти, повеќето од Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, речиси двапати повеќе од март минатата година.
Одделот за домашна безбедност рече дека Конгресот не одвоил пари за транспорт на мигранти од границата до овие градови, додека имиграционите служби ја нарекоа оваа идеја „непотребна оперативна пречка“.
Facebook Forum