Линкови за пристапност

Расте нервозата на „Котата 59“


“Macedonia, open the border!”, “Macedonia save us!”, со часови пејат мигрантите од „неконфликтните подрачја“, на кои не им се дозволува премиување на границата

Неделното утро на граничниот премин на грчко-македонската граница започна со песна на бегалците од Иран, Пакистан и Бангладеш, кои седнати на пругата пред кордонот македонски полицајци, молеа да бидат пуштени да транзитираат низ Македонија, за да продолжат до нивната цел – Германија или другите западноевропски земји. И тие, и останатите лица од Алжир, Мароко, Конго, Сомалија, Шри Ланка, Либан..., од државите во кои нема војна, со одлуката за селекција наречени „неконфликтни подрачја“, и кои со почетокот на граничното селектирање го добија статусот на економски мигранти, не можат да ја поминат границата.

Минатата седмица Македонија почна да го следи примерот на Словенија, Хрватска и Србија, за промена на режимот на пропуштање на бегалците и мигрантите, овозможувајќи им влез само на бегалците од воените жаришта. Македонските власти го зголемија и присуството на безбедносните сили долж границата. Но, неможејќи да се помират со одлуката - само државјаните на Сирија, Авганистан и Ирак да можат да продолжат по балканската рута, со статус на воени бегалци, мигрантите со транспаренти „Зарем ние не сме луѓе!“, „Помогнете ни!“ ,„Дозволете ни да поминеме!“, „Спасете не!“, „Никогаш нема да се вратиме!“, испишани на англиски јазик на картони, чаршави, дури и на нивните голи гради, секој на својот јазик, на арапски, пашту, хинду..., извикуваа дека сакаат слобода.

Пеејќи и скандирајќи на лош англиски јазик дека Македонија треба да им ја отвори границата, околу 700 лица извикуваа дека нивниот единстевн избор е - слобода или смрт! И, во еден глас молеа - Македонија да ги спаси нивните животи.

Нови редици мигранти непрекинато доаѓаат од грчка страна, на која импровизираниот камп од мали шатори е се' пополн. За жал, никој не нуди решение кое би било прифатливо и за мигрантите кои одбиваат да се вратат и сега сега, почнуваат да ја одбиваат и помошта на хуманитарните организации.

Паралелно, со протестите на мигрантите веќе трето деноноќие, редици бегалци минуваат меѓу грчките и македонските полицајци. Во тмурното неделно утро, полицајците од двете држави, се поздравуваат пријателски, како сопаталци, дури и со прегратки. Бегалците, пак, изморени, но дел од нив и со насмевки на лицата, ги минуваат последните 650 метри до Прифатниот камп, од каде по регистрирањето ќе заминат на север, кон македонско-српската граница. Десетиците автобуси и многу побројните такси-возила ги чекаат на мостот кај Сува Река.

Сепак, има многу повеќе солзи. Семејства на двајца браќа од Иран, двете сопруги и петте деца, кои некако ја минале фамозната „кота 59“ и дошле до вратите на кампот, сите со солзи во очите, го молат полицаецот да не ги враќа назад. Велат дека се христијани, му ја покажуваат Библијата, плачат... Полицаецот, се правда дека е наредено тие да се вратат, дека сеедно нема да ги пуштат на следната граница, им вели дека сака да им помогне, ама не знае како... Полицаецот заминува, гледајќи кон небото, а децата плачат уште посилно. „Не ги враќам моите малечки таму!“, ни вели низ солзи еден од Ирачаните, и поминува со дланката преку вратот, за да ни го долови страшниот крај што наводно го очекува во татковината.

Назад на „Котата 59“. Околу пладне, дел од мигрантите на грчкиот дел од преминот се обидоа да се втурнат во просторот оставен за бегалците и да се измешаат со нив. Реагираа и грчката и македонската полиција, поставувајќи засилени кордони. Еден од македонските полицајци не моли да се тргнеме, барем ние, новинарите да не им пречиме кога се заострува ситуацијата. Вели дека е тоа поради нашата безбедност. „Ова мора да се реши некако, не може веќе вака, до кога?“, не прашува. На самиот почеток на нашето објаснување на ситуацијата во регионот, нервозно одмавнува со раката. „И Европа не знае што да прави со овие луѓе. А како ние да знаеме“, резигниран е полицаецот.

Додека полициските кордони на обете страни на границата се обидуваат да ја задржат нараснувачката тензија во каква-таква нормала, кон решавање на бегалската криза свој придонес дава и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој, како дел од балканската тура, денес во Скопје се сретнува со македонскиот државен врв.

По терористичките напади во Париз, од почетокот на викендот, македонското МВР ги зајакна мерките за безбедност на одредени објекти или места во Скопје. Според изјавата за медиумите, се постапува согласно планот за зајакнати мерки и активности во градското подрачје, во кое е забележително поголемо присуство на полицајци.

XS
SM
MD
LG